Во обраќањето до пратениците, Ѓуров порача дека владата ќе преземе одговорност за одржување демократски и фер избори, согласно очекувањата на граѓаните. По положувањето заклетва во парламентот, членовите на техничката влада се упатија кон Советот на министри, каде што се одржа церемонија за примопредавање на функциите
Привремената влада на Бугарија на чело со премиерот Андреј Ѓуров денеска стапи на должност.

Новиот премиер даде заклетва во Народното собрание на Бугарија откако претходно во текот на денот в.д. претседателката Илијана Јотова потпиша указ за назначување привремена влада и ги закажа парламентарните избори за 19 април годинава.
Андреј Ѓуров вчера на Јотова ѝ го претстави составот на техничката влада, а денеска поднесе оставка од функцијата заменик-гувернер на Народната банка на Бугарија, која ја извршуваше досега.
Во обраќањето до пратениците, Ѓуров порача дека владата ќе преземе одговорност за одржување демократски и фер избори, согласно очекувањата на граѓаните. По положувањето заклетва, членовите на техничката влада се упатија кон Советот на министри, каде што се одржа церемонија за примопредавање на функциите.
Владата на Бугарија на чело со досегашниот премиер Росен Жељазков се распушти во декември минатата година по едни од најмасовните протести во земјата насочени против економските политики на владата.
На почетокот на оваа година поранешниот шеф на државата, Румен Радев, предаде три мандати за формирање влада – на ГЕРБ-СДФ, Промените продолжуваат – Демократска Бугарија и Алијанса за права и слободи, но сите три беа веднаш вратени неисполнети, што стави до знаење дека ќе има предвремени парламентарни избори.
