Оттаму го оценуваат за лицемерно однесувањето на опозициската СДСМ и за нејзиниот лидер Венко Филипче, за кого велат дека зад затворени врати се согласува со набавка за нов владин авион, а во јавноста истото го критикува
Од владејачката партија, пак, сметаат дека интересот на опозицијата за темата со владиниот авион отвора и други значајни аспекти, особено за неговото користење од страна на експремиерот Зоран Заев
Семејството на премиерот Христијан Мицкоски не патувало со владиниот авион додека тој го користел за негови службени потреби, соопштија денеска од Владата. Ова следува откако опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) побара од власта да докаже дека владиниот авион бил користен согласно процедурите и да објави кој сè патувал заедно со премиерот.

Служениот авион, како што велат од Владата, стар 20 години, е користен исклучиво од премиерот Мицкоски, без семејна придружба за негови службени потреби.
За две години, додаваат оттаму, премиерот го користел владиниот авион само за четири патувања во соседството.
„Лажна вест е тврдењето на СДСМ дека семејството на премиерот Христијан Мицкоски патувало до Сплит, Хрватска“,
се вели во владиното соопштение.
Оттаму го оценуваат за лицемерно однесувањето на опозициската СДСМ и за нејзиниот лидер Венко Филипче, за кого велат дека зад затворени врати се согласува со набавка за нов владин авион, а во јавноста истото го критикува.
„Додека СДСМ и Венко самите се договорат со себе, апелираме информациите што произлегуваат од оваа партија да се земаат со голема претпазливост поради нејзините шпекулативни намери“,
додаваат од Владата.
По барањето на СДСМ власта да објави кој патувал заедно со Мицкоски во владиниот авион, се огласи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што исто така посочуваат дека семејството на премиерот никогаш не го користело владиниот авион.
Сметаат дека интересот на опозицијата за темата со владиниот авион отвора и други значајни аспекти, особено за неговото користење од страна на експремиерот Зоран Заев.
„Очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека пред да влезе во расправа за владиниот авион, од СДСМ треба да бидат свесни дека Македонија е држава со еден нерасветлен атентат врз претседател и уште еден инцидент на трагично загинат претседател и тоа со владино летало.
Актуелното владино летало, од кое, како што велат од владејачката партија, СДСМ и Филипче прават сензационализам е старо 20 години, односно е купено во 2005 година, а од 2017 година за него се потрошени четири милиони евра за поправки.
За реакциите на СДСМ дека Мицкоски патувал со владиниот авион на одмор до Јадранското Море, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците, владејачката партија предлага тие да се обезбедат од парите од кои Филипче и Заев купиле или градат куќи или згради.
„Кога сме кај парите за минимална плата, еве неколку дополнителни предлози за СДС. Тие може да се обезбедат од крадените пари од кои Венко Филипче купи хациенди на Водно, може од парите од провизиите од кинеските вакцини ‘Стабри‘ кои тој ги договараше, или пак од парите со кои Заев гради згради во Дубаи, или пак од парите кои Вице Заев ги украде од РЕК и префрли на бугарска фирма“,
велат од партијата.
СДСМ денеска побара од власта да докаже дека владиниот авион бил користен согласно процедурите и да објави кој сè патувал заедно со премиерот Мицкоски по наводите кои пред неколку дена ги изнесе телевизијата Телма, односно дека од јуни 2024 година до декември 2025 година три пати го користел владиниот авион.
Премиерот вчера рече дека владиниот авион го користел четири пати.
Еднаш, како што рече, го искористил кога бил во Будимпешта на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Со комерцијален лет стигнал до Виена бидејќи екипажот на државниот авион имал приватни обврски и не можел да го однесе до дестинацијата.
Но за назад, како што рече, дошле по него бидејќи имал итни состаноци во Скопје.
„Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и на настан што тие го организираа во Белград. Тогаш и отидов и се вратив. Тоа не е споменато во јавноста, а сакам да се забележи“,
рече тој.
Владиниот авион премиерот го искористил и кога ланското лето се враќал од одмор од Сплит во Скопје оти го пропуштил летот на авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“, а следниот ден имал неодложни обврски во Скопје.
„Бев до Хрватска со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс’ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, имавме работна вечера. Мојот годишен одмор, кој требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден, да трае четири дена, и бидејќи го испуштив повратниот комерцијален лет за да се вратам, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде ме земе од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје“,
кажа Мицкоски.
Последно, како што рече, бил во Тирана и го искористел владиниот авион во двата правци.
