Со пресудата изречена денеска, Јун стана првиот претседател на Јужна Кореја, избран во демократската ера на земјата, кој е осуден на максимална затворска казна
Јужнокорејскиот суд денеска го осуди поранешниот претседател на земјата Јун Сук-јеол на доживотна казна затвор со принудна работа поради обидот за воведување вонредна состојба и државен удар во декември 2024 година, пренесуваат светските медиуми.

Тој е прогласен за виновен по обвинението за поттикнување бунт, кривично дело за кое според јужнокорејскиот закон се предвидени три можмни казни – смрт, доживотен затвор со принудна работа и доживотен затвор без принудна работа.
Со пресудата, Јун стана првиот претседател на Јужна Кореја избран во демократската ера на земјата кој е осуден на максимална затворска казна, пишува „Гардијан“.
Во јануари годинава, поранешниот претседател беше осуден на пет години затвор за кривичното дело воведување вонредна состојба, во рамките на само една од осумте постапки што се водат против него во врска со обидот за државен удар во 2024 година. Најтешкото обвинение беше за делото водење бунт за кое денеска судот му изрече казна.
Обвинителите во постапката бараа смртна казна, бидејќи според нив Јун извршил тешка повреда на уставниот поредок со мобилизацијата на воени трупи кои за време на шестчасовната криза пред нешто повеќе од една година го блокираа парламентот на земјата и се обидоа да ги уапсат неговите политички противници.,
Јун за време на судскиот процес ги отфрли обвиненијата, тврдејќи дека е невин, а истрагата за настанот ја оцени како политички заговор. Тој тврдеше дека прогласил воена состојба за да ги предупреди граѓаните на земјата за ситуација која ја опиша како неуставна парламентарна диктатура на тогашната опозициска Демократска партија.
Јун, од своја страна, обвини за изборна измама во Јужна Кореја, но не понуди никакви докази во таа насока. Тврдеше и дека опозицијата ја парализирала владата преку скратување на буџетот и постапките за негов импичмент, односно отповикување од функцијата.
Во однос на обвинението за поттикнување на бунт, неговиот став беше дека распоредил минимални, во голема мера невооружени војници, без намера да ја блокира работата на парламентот.
„Немало намера да се наруши уставниот поредок, ниту имало немири“,
тврдеше неговата одбрана.
Пресудата е објавена 14 месеци по обидот за државен удар, што се оценува како најсериозна закана за демократијата на Јужна Кореја во последните децении.
Обвиненијата против Јун произлегоа по настанатите ноќта на 3 декември 2024 година, кога според обвинителите, Јун се обидел да употреби воена сила за да го парализира законодавниот дом, да ги уапси политичките противници и да ја преземе контролата врз националната изборна комисија.

Неколку часа по прогласувањето на воената состојба, 190 пратеници ги пробија воените и полициските кордони по што донесоа итна резолуција со која ја укинаа воената состојба. Потоа во рок од 11 дена парламентот го отповика Јун, а уставниот суд на земјата го отстрани од функцијата четири месеци подоцна.
Во врска со обидот за воен удар, судски постапки се водеа и против други високи јужнокорејски функционари, кои резултираа со високи казни.
Како што потсетува „Гардијан“, поранешниот премиер на земјата Хак Дак-су беше осуден на 23 години затвор, а во пресудата обидот за воведување вонредна состојба беше опишан како „самоупад“ на избраната власта, потег што е поопасен од обично востание.
Казната далеку го надмина барањето на обвинителите за 15 години затвор, што укажува на подготвеноста на судските власти во Јужна Кореја да изречат и построги казни.
На 12 февруари, пак, поранешниот министер за внатрешни работи на земјата Ли Санг-мин беше осуден на седум години затвор за неговата улога во бунтот, вклучително и пренесувањето на наредбите на Јун за прекин на струјата и водата до медиумите.
Инаку, Јул Сук-јеол не е првиот демократски избран претседател на Јуѓна Кореја кој е осуден на затворска казна. Во 2018 година, поранешната претседателка Парк Геун-хје првично беше осудена на вкупно 32 години затвор за корупција и други слични прекршоци, но казната потоа ѝ беше намалена по вложена жалба, а подоцна и укината со претседателско помилување во 2021 година.
Во 1996 година, воените диктатори Чун Ду-хван и Ро Тае-ву добија смртна казна и 22 и пол години затвор, соодветно, за нивната улога во државниот удар во 1979 година и последователниот масакр во Гвангжу. И нивните казни подоцна беа намалени по жалба, а на крајот и двајцата добија помилувања.
Сумирано, секој јужнокорејски претседател кој бил осуден на затворска казна на крајот е помилуван.
