Најновите потези против Телеграм, кој е втората најпопуларна апликација за пораки во Русија, според податоците од Аптопија (Apptopia), предизвикаа особена реакција. Роскомнадзор соопшти дека новите ограничувања се воведени бидејќи Телеграм не ги почитува руските закони што бараат локално складирање на лични податоци. Гласовните и видео повиците преку Телеграм беа блокирани уште во август, но клучните функции, вклучувајќи ги и каналите за емитување содржина, останаа оперативни до минатата недела
Некои од најгласните поддржувачи на рускиот претседател Владимир Путин остро реагираа на најновиот потег на Кремљ да ја ограничи апликацијата Телеграм и да ги охрабри граѓаните да користат нова државна алтернатива, објави „Блумберг“.

Милиони корисници на Телеграм во Русија се соочија со забавувања и прекини минатата недела откако регулаторот за комуникации Роскомнадзор воведе нови ограничувања. Тоа е најновиот чекор во долготрајната кампања што Кремљ ја нарекува изградба на „суверен интернет“, која веќе доведе до блокирање на Јутјуб, Инстаграм и Ваcап.
Критиките доаѓаат и од првите линии, дури и Дмитриј Песков се пожали
Но, нападот врз Телеграм може да се покаже како потег што предизвика премногу отпор. Критиките доаѓаат од неочекувани страни – од војници кои ја користат апликацијата за комуникација во рововите, преку проруски воени блогери, до регионални функционери. Дури и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, изрази жалење за одлуката.
Владимир Соловјов, водител на емисијата „Москва. Кремљ. Путин“ на државната телевизија Россија-1 и една од клучните фигури во руската пропаганда, се пожали за време на пренос во живо дека неговата гледаност опаднала откако мерките беа воведени на 9 февруари. Соловјов е под санкции од Европската Унија и Обединетото Кралство.
„Ова е првпат да видиме такви внатрешни поделби во рамките на заедниците лојални на Кремљ. Телеграм ги замени мејнстрим медиумите во Русија. Луѓето заинтересирани за политика, како и голем дел од руската елита, ги следат каналите на Телеграм за да бидат информирани“,
рече Татјана Становаја, виш соработник во Центарот за Евроазија „Карнеги Русија“.
Притисок врз платформите што не се контролирани од Кремљ
Кремљ го зголемува притисокот врз платформите што не ги контролира. Минатата недела, Русија започна и целосна блокада на Вацап, апликација во сопственост на „Мета“. Владата сака граѓаните да се префрлат на државната „супер-апликација“ Макс (Max), моделирана според кинескиот Вичет (WeChat), за која критичарите велат дека ги изложува корисниците на надзор од страна на руските безбедносни служби.
Од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина пред четири години, Русија систематски го зголемува притисокот врз странските технолошки компании. Снепчет, Фејстајм, Дискорд, Вибер и Сигнал се блокирани. Овие услуги сè уште се достапни за Русите преку виртуелни приватни мрежи (ВПН).
Сепак, најновите потези против Телеграм, кој е втората најпопуларна апликација за пораки во Русија, според податоците од Аптопија (Apptopia), предизвикаа особена реакција. Роскомнадзор соопшти дека новите ограничувања се воведени бидејќи Телеграм не ги почитува руските закони што бараат локално складирање на лични податоци. Гласовните и видео повиците преку Телеграм беа блокирани уште во август, но клучните функции, вклучувајќи ги и каналите за емитување содржина, останаа оперативни до минатата недела.
„Би било грешка да се изгуби таква алатка“
Проруската коментаторка и активистка Екатерина Мизулина, која е наречена „главна интернет цензорка“ поради поднесување жалби против новинари и јавни личности, исто така се изјасни против ограничувањата.
„Не ги поддржувам предлозите за воведување ограничувања на Телеграм. Да се изгуби толку витална алатка за промовирање на проруски идеи и ставови би било грешка“,
напиша Мизулина на својот Телеграм канал минатата недела.
Одлуката има и конкретни последици на бојното поле. Неколку воени блогери на Телеграм, вклучувајќи го и Архангел Спецназа, кој има повеќе од 1,1 милион следбеници, предупредија дека потегот може да ги остави војниците без комуникација.
„Нема одржливи алтернативи на Телеграм на фронтот“,
рече еден руски војник кој побара анонимност бидејќи не е овластен да зборува на оваа тема.
Службениците кои ја одобрија блокадата, додаде тој, не биле свесни за реалната ситуација на теренот.
Вјачеслав Гладков, гувернер на регионот Белгород, кој граничи со Украина и често е цел на напади со беспилотни летала, предупреди дека мерките можат да влијаат на оперативниот проток на информации.
Кремљ јавно ги бранеше овластувањата на Роскомнадзор.
„Може само да се изрази жалење. Нема ништо добро во тоа, но законот мора да се почитува“,
изјави Песков за новинската агенција Интерфакс минатата недела.
Државна апликација Maкс
Апликацијата Maкс е развиена од социјалната мрежа ВК, која ја управува Владимир Кириенко, син на еден од клучните соработници на Путин задолжен за домашната политика. Апликацијата беше лансирана минатата година со голем број функции дизајнирани да ги направат корисниците зависни од неа.
Maкс овозможува пристап до владини услуги, складирање документи, банкарски операции и други јавни и комерцијални програми. На владините службеници, од државни службеници до наставници, им е наредено да ја користат апликацијата за комуникација.
„Русија го ограничува пристапот до Телеграм за да ги принуди граѓаните да се префрлат на апликација контролирана од државата, изградена за надзор и политичка цензура. Телеграм се залага за слобода на говор и приватност, без оглед на притисокот“,
изјави основачот на Телеграм Павел Дуров, минатата недела.

За Дуров, кој е роден во Русија, а сега живее во Дубаи, ова не е прв конфликт со Кремљ. Русија се обиде да го забрани Телеграм во 2018 година, но се откажа две години подоцна бидејќи забраната се покажа како неспроведлива. Сепак, искуството од тој период му помогна на Кремљ поефикасно да ги потисне странските медиумски платформи од 2022 година.
Во последните денови, бројот на преземања на апликација што им овозможува на корисниците пристап до Телеграм без користење на ВПН нагло се зголеми. Станува збор за бесплатната апликација Телега, еден вид трик што им помага на корисниците да се поврзат со серверите на Телеграм преку алтернативни патишта и на тој начин да ги заобиколат мерките на Роскомнадзор. Преземањата на Гугл плеј драстично се зголемија откако стапија во сила новите ограничувања.
„Секој пат кога го заоструваат системот, луѓето наоѓаат нов начин да го заобиколат. Тоа е трка за вооружување“,
рече Михаил Климарев, раководител на Друштвото за заштита на интернетот, организација која се залага за дигиталните права на Русите од странство.
