„Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна“, изјави премиерот по обвинувањата на СДСМ дека власта размислува за набавка на нов владин авион
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, неодамна најави дека Владата размислува да изнајде начин за набавка на нов владин авион бидејќи сегашниот е склон на чести поправки и е премал за да се користи за соодветна делегација
По обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека власта размислува за набавка на нов владин авион, наместо тие пари да ги пренасочи за плати на работниците и инфраструктурни проекти, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата се откажува од набавката на нов воздухоплов.

Ќе се повлечеме од таа набавка, рече Мицкоски, и ќе се молиме да останеме живи.
„Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот рече дека владиниот воздухоплов сè уште е во возна состојба, но дека иницијативата да се обезбедат средства за набавка на нов дошла од екипажот што го управува авионот.
„Гледам дека опозицијата од ова создава тема иако на една од лидерските средби, формални и неформални, што сум ги имал со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тој беше многу јасен и рече дека за ова не треба и нема да ја критикуваат владата бидејќи утре ќе има нова влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Но, гледаме дека не си стојат на зборот. Ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи“,
изјави Мицкоски.
Во изјавата за медиумите премиерот се осврна и на наводите кои пред неколку дена ги изнесе телевизијата Телма – дека од јуни 2024 година до декември 2025 година три пати го користел владиниот авион.
„Не три пати, четири пати сум го користел“,
рече на почетокот Мицкоски.
Еднаш, како што рече, го искористил кога бил во Будимпешта на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Со комерцијален лет стигнал до Виена бидејќи екипажот на државниот авион имал приватни обврски и не можел да го однесе до дестинацијата. Но за назад, како што рече, дошле по него бидејќи имал итни состаноци во Скопје.
„Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и на настан што тие го организираа во Белград. Тогаш и отидов и се вратив. Тоа не е споменато во јавноста, а сакам да се забележи“,
рече Мицкоски и додаде дека патува сам, заедно со дел од луѓето кои го обезбедуваат.
Владиниот авион премиерот го искористил и кога ланското лето се враќал од одмор од Сплит во Скопје оти го пропуштил летот на авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“, а следниот ден имал неодложни обврски во Скопје.
„Бев до Хрватска со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс’ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, имавме работна вечера. Мојот годишен одмор, кој требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден, да трае четири дена, и бидејќи го испуштив повратниот комерцијален лет за да се вратам, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје“,
вели Мицкоски.
Последно, како што рече, бил во Тирана и го искористил владиниот авион во двата правци. Мицкоски уште отсега најави дека на почетокот на јуни најверојатно ќе го користи владиниот воздухоплов до Подгорица и назад до Скопје оти поради обврски не би сакал да остане повеќе од еден ден.
По обвинувањата на СДСМ, од Владата вчера информираа дека владиниот авион е користен исклучиво согласно прописите и актите за негово користење и дека не постои каква било форма на злоупотреба.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, неодамна најави дека Владата размислува да изнајде начин за набавка на нов владин авион бидејќи, како што рече, сегашниот е склон на чести поправки и е премал за да се користи за соодветна делегација.
