Сепак, како што наведува британскиот национален сервис, надежите за некаков позначителен пробив во разговорите се мали бидејќи Москва останува на своите максималистички барања во однос на делови од украинската територија
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф изјави дека разговорите меѓу Украина и Русија донеле значен напредок во напорите за ставање крај на војната, додека двете страни се подготвуваат за вториот ден од преговорите во Женева што треба да продолжат денеска, објави Би-би-си.

„Успехот на претседателот Трамп во зближувањето на двете страни вклучени во оваа војна донесе значаен напредок и ние сме горди што работиме под негово водство за да ги запреме убиствата во овој ужасен конфликт“,
напиша Виткоф на социјалната платформа Икс.
Today, at President Trump’s direction, the United States moderated a third set of trilateral discussions with Ukraine and Russia. Thank you to the Swiss Confederation for being gracious hosts for today’s meetings.
— Special Envoy Steve Witkoff (@SEPeaceMissions) February 18, 2026
President Trump’s success in bringing both sides of this war… pic.twitter.com/j3fwQheMmG
Сепак, како што наведува британскиот национален сервис, надежите за некаков позначителен пробив во разговорите се мали бидејќи Москва останува на своите максималистички барања во однос на делови од украинската територија.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна посочи дека од Украина зависи дали разговорите во Женева ќе бидат успешни, без притоа да ја спомене Русија.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано повторува дека од неговата земја се бара да направи непропорционални компромиси со споредба со Русија.
Инаку, Русија окупира околу 20 проценти од територијата на Украина, вклучувајќи големи делови од источниот регион Донбас. Кремљ инсистира Украина да го предаде и остатокот од оваа територија што руските сили не успеаја да го заземат во безмалку четиригодишната војна, на што Киев остро се спротивставува.
Ставот на Украина е дека првин се потребни силни гаранции од западните сојузници, вклучително и од Соединетите Американски Држави (САД), пред да се постигне каков било договор со Русија.
Зеленски вчера за порталот „Аксиос“ изјави оти „не е фер“ што Трамп постојано ја повикува Украина да покаже конструктивност во разговорите и да се согласи на договор, додавајќи дека траен мир нема да се постигне ако „победата“ ѝ се предаде на Русија.
„Се надевам дека тоа е само негова тактика, а не одлука“,
рече Зеленски.
Во изјава на социјалните мрежи во вторник вечерта, главниот украински преговарач Рустем Умеров рече дека првиот ден од разговорите се фокусирал на „практични прашања и механиката на можните решенија“.
Во своето видеообраќање кратко потоа, Зеленски рече дека Украина е подготвена да се воздржи од понатамошни напади на руска територија, согласно предлогот што САД го упатија и до Киев и до Москва.
„Не ни треба војна. Подготвени сме брзо да се движиме кон достоен договор за завршување на војната. Прашањето е што сакаат Русите“,
рече тој, нагласувајќи дека Украинците „ги бранат својата држава и својата независност“.

Инаку, во Женева се одржува третата рунда од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД за ставање крај на војната, откако претходните што се одржаа во Абу Даби завршија без конкретен договор.
Руската државна новинска агенција РИА, повикувајќи се на свои извори, објави дека вчерашните разговори траеле шест часа и се одвивале во тензична атмосфера и во различни билатерални и трилатерални формати.
Од американската страна посредници се специјалниот претставник Стив Виктоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, додека руската страна ја предводи помошникот на претседателот Владимир Путин, Владимир Медински.
Инаку, преговорите се одржуваат една недела пред навршувањето на четвртата годишнина од целосната инвазија на Москва врз Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека 43 украински беспилотни летала ноќеска биле соборени над неколку руски региони, како и на полуостровот Крим.
Ноќта пред тоа, Русија изврши голем комбиниран воздушен напад врз Украина, погодувајќи 12 региони со 400 беспилотни летала и речиси 30 ракети. Во нападите беа убиени најмалку три лица, соопштија украинските власти.
