„Истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста“, порачаа од владата велејќи дека обвинувањата на опозицискиот СДСМ се пример за политичка хипокризија
Владиниот авион е користен исклучиво согласно прописите и актите за негово користење – велат од Владата по реакциите на опозицискиот СДСМ на наводите на телевизија Телма дека од јуни 2024 година до декември 2025 година премиерот трипати го користел владиниот авион.

Од Владата велат дека секое користење на владиниот авион е евидентирано, документирано и е предмет на институционална контрола. Додаваат дека не постои каква било форма на злоупотреба.
Опозицискиот СДСМ претходно денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а владата нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците
Обвинувањата на опозицијата владата ги оцени за класичен пример на политичка хипокризија.
„Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби. Истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста“,
велат од владата.
Симптоматично за власта е тоа што, како што се наведува во соопштението, опозицијата ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на владиниот авион во ситуации од итен карактер како транспортот и координацијата на активности поврзани со повредените од пожарот во Кочани.
Телевизијата Телма вчера објави на кои релации најмногу се користел владиниот авион. Според податоците, Мицкоски го користел владиниот авион трипати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска. Тој патувал и до Тирана, а за еден лет од Скопје до Белград нема целосни податоци.
