„Вкупно 12 региони беа цел на нападите и, за жал, пријавени се девет повредени лица, вклучувајќи деца. Оштетени се повеќе од десет станбени згради и железничка инфраструктура“, објави украинскиот претседател на Икс
Руските сили ноќеска лансирале речиси 400 беспилотни летала и 29 ракети од различни видови врз Украина, соопшти претседателот на земјата, Володимир Зеленски, пренесе „Гардијан“.

Масовниот руски напад, еден од многуте во последните неколку месеци, доаѓа во очи третата рунда разговори помеѓу претставниците на Русија, Украина и посредникот Соединетите Американски Држави (САД), што треба да се одржи овие денеска и утре во Женева, Швајцарија.
Според Зеленски, станува збор за уште еден комбиниран напад, намерно планиран да предизвика што е можно поголема штета на украинскиот енергетски сектор.
„Во Одеса, десетици илјади луѓе се без греење и вода по нападот со беспилотно летало. Сите потребни служби работат на помош. Вкупно 12 региони беа цел на нападите и, за жал, пријавени се девет повредени лица, вклучувајќи деца. Оштетени се повеќе од десет станбени згради и железничка инфраструктура“,
напиша Зеленски на платформата Икс.
Украинскиот претседател ги повика меѓународните партнери да реагираат на ваквите напади кои секојдневно го загрозуваат животот на Украинците и да побараат одговорност од Русија за нејзината агресија.
„Нашата дипломатија ќе биде поефикасна ако има правда и сила. Сила на притисок врз Руската Федерација – притисок со санкции и постојана, брза поддршка за украинската армија и нашата воздушна одбрана.
За мирот да биде вистински и праведен, акцијата мора да биде насочена кон единствениот извор на оваа агресија – бидејќи Москва е таа што ги продолжува убиствата, масовните напади и нападите“,
изјави Зеленски.
Rescue and repair efforts are ongoing in many of our regions after a massive Russian attack. It was a combined strike, deliberately calculated to cause as much damage as possible to our energy sector. Nearly 400 drones and 29 missiles of various types were used, including… pic.twitter.com/hHkWCFkOGB
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 17, 2026
Инаку, делегацијата на САД во Женева, покрај со руските и украинските претставници, треба одржи одделни разговори и со претставници на Иран во врска со нуклеарната програма на земјата. Разговорите меѓу Вашингтон и Техеран доаѓаат во период на зголеми тензии во регионот на Блискиот Исток, каде САД изминатиот период стационира голема воена сила, во обид да изврши притисок врз Иран.
Одговарајќи на новинарско прашање за новата рунда разговори за ставање крај на војната во Украина во Женева, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика украинската страна „брзо да седне на маса“.
„Украина подобро да дојде на маса, брзо. Тоа е сè што ви кажувам. Нашата позиција е тие да дојдат“,
изјави Трамп.
Украинскиот претседател, викендот, нагласи дека Киев ги користи сите можни канали за соработка со САД, за да не му даде на никого, вклучително и на Трамп, изговор да тврди дека Украина не е заинтересирана за разговорите.
Инаку, Ројтерс утрово објави кратка информација од Кремљ, во која се вели дека трилатералните разговори со Украина и со САД ќе продолжат утре и дека „денеска не се очекуваат некакви вести“.
Во фокусот на трилатералните разговори во Женева, според најавите, по првпат треба да биде најчувствителното прашање од војната – судбината на дел од украинската територија што е окупирана од Русија, но и региони што Москва не успеа да ги освои во безмалку четиригодишната војна, а кои смета дека треба да ги анектира.
Шефот на украинската делегација Рустем Умеров вчера на Телеграм објави дека неговиот тим веќе пристигнал во Женева и дека се надева на конструктивна работа и значајни состаноци за безбедносни и хуманитарни прашања.
Од друга страна, Москва бара Украина да го предаде целиот регион Донбас. Кремљ потврди дека руската делегација ќе ја предводи Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин.
„Овој пат имаме намера да разговараме за поширок спектар на прашања, вклучувајќи ги и клучните. А клучните прашања се однесуваат на територијата и сите наши други барања“,
изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Двете претходни рунди разговори со посредство на САД беа одржани во Обединетите Арапски Емирати и резултираа со размена на затвореници, но без значаен напредок кон конечен договор.
