Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека земјите-членки на Одборот за мир кој самиот го иницираше, на првиот состанок во четврток, ќе издвојат повеќе од пет милијарди долари за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Албанија, Бахреин, Белорусија, Бугарија, Камбоџа, Ел Салвадор, Египет, Унгарија, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Монголија, Мароко, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, ОАЕ, Узбекистан и Виетнам се државите кои Трамп први ги седна на маса да потпишат дека се дел од Одборот за мир.
