Поради растечкото незадоволство за време на протестите во Сараево кои се одржуваат трет ден по ред, премиерот на Сараевскиот кантон поднесе оставка од функцијата, наведувајќи дека не бега од одговорноста и дека со овој чин сака да ја врати вербата во системот кој, како што рече, може и мора да биде транспарентен, фер и безбеден
Премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, поднесе оставка додека во Сараево трет ден по ред се одржуваат протести по трагичната трамвајска несреќа во која загина 23-годишно момче, а четири други лица се повредени.

Поради растечкото незадоволство за време на протестите, премиерот на Сараевскиот кантон поднесе оставка од функцијата, наведувајќи дека не бега од одговорноста и дека со овој чин сака да ја врати вербата во системот кој, како што рече, може и мора да биде транспарентен, фер и безбеден.
Во меѓувреме, возачот на трамвајот Аднан Касаповиќ е ослободен откако Кантонскиот суд во Сараево го отфрли барањето на Обвинителството на Сараевскиот кантон за определување притвор. Ден претходно, Обвинителството побара 30-дневен притвор, тврдејќи дека причина за несреќата е човечки фактор. Возачот се изјасни за невин и изјави дека несреќата е предизвикана од техничка неисправност на трамвајот.
Несреќата се случи на 12 февруари во близина на Националниот музеј на Босна и Херцеговина, кога трамвај излета од шините и ја урна трамвајската постојка, при што загина едно лице, а неколку други беа повредени. Денот по несреќата, на 13 февруари, стотици граѓани, вклучително голем број ученици и студенти, се собраа на местото на настанот и накратко го блокираа сообраќајот, оддавајќи ѝ почит на жртвата и барајќи итни мерки од властите.
Протест во центарот на Сараево се одржа и вчера.
