Претседателот на Србија реагираше на изјавата на заменик-генералната секретарка на НАТО во која таа посочи дека Хрватска и Албанија се сигурни партнери на Алијансата и дека придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот, алудирајќи на соработката на двете членки на Алијнсата со Косово во поглед на одбраната
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера од Минхенската безбедносна конференција ја критикуваше заменик-генералната секретарка на НАТО, Рамила Шекеринска, оценувајќи дека дел од нејзините изјави немаат многу смисла и не ја одразуваат реалноста.

Претседателот на Србија реагираше на изјавата на Шекеринска во која таа посочи дека Хрватска и Албанија се сигурни партнери на НАТО и дека придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот, алудирајќи на соработката на двете членки на Алијнсата со Косово во поглед на одбраната.
Според Вучиќ, доколку Шекеринска се ограничела само на повикот до земјите од Западен Балкан да учествуваат во политички дијалог и на тој начин да ги решаваат спорните прашања, тој би немал што да додаде.
„Но, таа зборуваше и за некои други работи што немаат многу смисла. Сакајќи, претпоставувам, да ја критикува Република Српска, таа зборуваше за својата загриженост во врска со некои сецесионистички изјави и одлуки во регионот што не придонесуваат за мирот. Ова ни го кажуваат жената и луѓето што доведоа до сецесија, барем според нив, на дел од територијата на Србија – помеѓу 13 и 14 проценти од територијата на Србија“,
рече Вучиќ, додавајќи дека е потребно повеќе почит во јавниот дискурс кога станува збор за српскиот народ.
Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во изјава за новинската агенција Бета рече дека Албанија и Хрватска не се само сигурни и ценети сојузници во рамки на Алијансата, туку дека придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот со соработката со Косово во делот на одбраната.

Инаку, Косово, Албанија и Хрватска во март минатата година потпишаа декларација за соработка во областа на безбедноста и одбраната. Соработката ја налути Србија, чиј претседател Александар Вучиќ го опиша договорот како офанзивен сојуз насочен против Србите и Србија.
Говорејќи на темата, Шекеринска рече дека НАТО не учествува во дискусиите или консултациите за декларацијата потпишана од Приштина, Тирана и Загреб, но дека членството во Алијансата не ги спречува земјите да имаат дополнителни одбранбени договори со трети страни. Таа, исто така, го повтори ставот дека НАТО го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, кој се води со посредство на Европската Унија.
„Она што генерално го гледаме е дека глобалната геополитичка ситуација влијае и на регионот. Сведоци сме на повеќе воени вежби, поголеми инвестиции во одбраната и безбедноста, но во исто време ги повикуваме сојузниците и партнерите да се вклучат во политички дијалог со цел решавање на отворените прашања во регионот. Нашето присуство на Западен Балкан има за цел да поддржи токму ваков вид политички дијалог“,
заклучи Шекеринска.
