Според британскиот премиер и покрај исцрпувачкиот судир со Украина, Русија забрзано се вооружува и ги обновува своите воени капацитети

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер на Минхенската безбедносна конференција предупреди дека Русија направила стратешка грешка со војната против Украина, во која згинаа повеќе од еден милион луѓе.
Тој додаде дека и покрај исцрпувачкиот судир, Русија забрзано се вооружува и ги обновува своите воени капацитети. Стармер наведе дека Русија до крајот на деценијата би била подготвена да употреби сила против НАТО.
„Западот не бара судир. Нашата цел е траен мир, враќање на стратешката стабилност и владеењето на правото“,
рече Стармер.
Според него, освен на фронтот, заканите од Русија се манифестираат и преку хибридни, кибернетички напади и саботажи низ цела Европа.
Стармер се осврна и на европската одбрана, опишувајќи ја Европа како „заспан џин“ со огромен одбранбен потенцијал, што најчесто е неискористен поради фрагментирано индустриско планирање и набавки.
Британскиот премиер рече дека Европа има повеќе видови борбени авиони, фрегати и дури десет различни модели на борбени тенкови, додека САД користат само еден.
„Европа мора подобро да ги координира своите капацитети и инвестиции за целосно да ги искористи своите силни страни и да ја обезбеди долгорочната стабилност на континентот“,
рече британскиот премиер Кир Стармер во Минхен.
