Во јануари, во однос на претходниот месец, трошоците за живот во групата храна и безалкохолни пијалаци остануваат на исто ниво како и во претходниот месец, без промени

Индексот на трошоците за живот во јануари годинава бележи годишно зголемување од 3,2 отсто во однос на истиот месец претходната година, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Истовремено, во извештајот е наведено дека индексот на цените на мало е зголемен за 1,2 отсто.
Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на живот, во јануари е намалена за 0,7 отсто во споредба со претходниот месец.
Според податоците од ДЗС, намалувањето на трошоците на живот е резултат на пониски цени во повеќе сектори. Најголем пад во јануари во однос на претходниот месец е забележан во групата транспорт каде има намалување од 9,3 отсто.
Покрај транспортот, кон намалување на инфлацијата влијае и секторот информации и комуникации кои се помали за 1,6 проценти.
Намалување на трошоците имало и во групата рекреација, спорт и култура кои во јануари биле пониски за 1,5 отсто.
Облеката и обувките бележат намалување за 1,2 процент.

Зголемувања се регистрирани кај домувањето и опремата за домаќинства кои во јануари биле повисоки за еден процент во однос на претходниот месец.
Во групите ресторани и хотели зголемувањето е за 0,7 отсто, а кај алкохолните пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 отсто.
Во јануари, во однос на претходниот месец, трошоците за живот во групата храна и безалкохолни пијалаци остануваат на исто ниво како и во претходниот месец, без промени.
ДЗС објави и дека индексот на цените на мало во јануари бележи намалување од 2,7 отсто во однос на претходниот месец, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи раст од 1,2 процент.

