Како што објави „Фајненшал тајмс“, Стармер во говорот в сабота ќе повика на поблиска соработка во одбраната со сојузниците, а истото ќе го стори и во приватните разговори со другите лидери на тридневниот настан
Британскиот премиер Кир Стармер е подготвен да изнесе аргументи за Велика Британија и нејзините западни сојузници да покренат мултинационална одбранбена иницијатива која би можела да ја надгледува заедничката набавка на оружје и да ги намали трошоците за повторното вооружување.

Се очекува дека Стармер ќе ја иницира оваа идеја на безбедносната конференција во Минхен овој викенд, објави „Фајненшел тајмс“ повикувајќи се на официјални претставници на британската влада.
Како што се наведува, Стармер во говорот в сабота ќе повика на поблиска соработка во одбраната со сојузниците, а истото ќе го стори и во приватните разговори со другите лидери на тридневниот настан.
Претходно овој месец Стармер изјави дека неговата влада ќе го разгледа поднесувањето барање за приклучување кон друг можен фонд на Европската Унија за одбранбени проекти, вреден повеќе милијарди евра. Британскиот план да се приклучи на оригиналниот САФЕ (Security Action for Europe) фонд на Европската комисија од 150 милијарди евра, наменет за одбрана, пропадна во ноември откако владата на Стармер одби да го плати финансискиот придонес за приклучување.
Повеќе од 1 000 делегати од над 115 земји, вклучувајќи 60 шефови на држави и влади и 100 министри за надворешни работи ќе учествуваат на 62. Минхенска безбедносна конференција (MСЦ) што почнува денеска. На МСЦ ќе учествуваат и претставници на големи меѓународни организации, меѓу кои се шефовите на ЕУ, НАТО, АСЕАН, ОБСЕ, Светската банка, Светската трговска организација и многубројни агенции на ОН.
Од Македонија на МСЦ ќе учествуваат премиерот Христијан Мицкоски кој ќе биде придружуван од министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски.
