Зеленски претходно изјави дека важно е Украина да направи сè за да биде технички подготвена да ѝ се приклучи на ЕУ до 2027 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на украинскиот претседател дека земјите членки ги поставуваат условите за новите земји да се приклучат кон ЕУ, а не земјите кандидатки.

„Претседателе, вие сте на погрешен пат. Пристапувањето кон ЕУ е процес базиран на заслуги. Земјите членки ги поставуваат условите, а не земјите кандидатки“,
рече Орбан во порака до Володимир Зеленски.
Зеленски претходно изјави дека важно е Украина да направи сè за да биде технички подготвена да ѝ се приклучи на ЕУ до 2027 година. Тој додаде дека Украина сака точен датум бидејќи, ако нема датум, Русија ќе ја искористи ситуацијата.
Во друга објава, Орбан рече дека верува оти пристапувањето на Украина кон Европа би донело војна.
„Зеленски отворено бара членство во ЕУ до 2027 година и го третира тоа како гаранција за воена безбедност, додека украинските воени лидери упатуваат остри закани кон Унгарија. Пристапувањето на Украина кон ЕУ не би донело мир, туку војна во Европа. Унгарија нема да финансира, вооружува или легитимира закана за сопствената безбедност“,
рече Орбан.
Инаку, Зеленски притискаше за пристапување во ЕУ во 2027 година уште на крајот на јануари, и покрај скептицизмот на некои европски земји.
Уште тогаш посочи дека членството на Украина во ЕУ би било една од клучните безбедносни гаранции, не само за Киев туку и за цела Европа.
