Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите релевантни домашни и меѓународни организации да реагираат на изјавите на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кои се однесуваат на пратеничката Дафина Стојаноска
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска од Јавното обвинителство побара да отвори предмет по допрен глас во врска со наводните злоупотреби на службено возило од страна на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Првиот синдикалец, пак, го повикаа да каже колку пати го злоупотребил службеното возило за приватни цели и за што сè друго ја има злоупотребено својата положба.

Во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Лидија Петкоска ги повика сите релевантни домашни и меѓународни организации да реагираат на изјавите на Трендафилов кои се однесуваат на пратеничката Дафина Стојаноска.
„Она што го видовме од страна на Слободан Трендафилов не е ништо друго помалку од директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жената во политиката. Трендафилов избра на кукавички начин да ја нападне жената што имаше храброст јавно да го изнесе неговото расипништво. Ова е класичен пример на мизогинија, каде што маж на функција се обидува да дискредитира и деградира жена, само затоа што ја обелоденила вистината“,
рече на прес-конференција пратеничката Лидија Петкоска.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски го искритикува претседателот на ССМ, обвинувајќи го за недоличен речник кон пратеничката Дафина Стојаноска и побара да ѝ се извини.
