Инцидентот се случил кога министерот за правда Акин Гурлек дошол до говорницата за да ја положи заклетвата, по што опозициските пратеници се приближиле до него обидувајќи се да го спречат. Пратениците од владејачкото мнозинство се обиделе да ги оттргнат опозиционерите, по што дошло до физичка пресметка
Во парламентот на Турција денеска изби тепачка помеѓу пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) додека новиот министер за правда Акин Гурлек положуваше заклетва.

Според локалните медиуми, инцидентот се случил кога Гурлек дошол до говорницата за да ја положи заклетвата, по што опозициските пратеници се приближиле до него обидувајќи се да го спречат. Пратениците од владејачкото мнозинство се обиделе да ги оттргнат опозиционерите, по што дошло до физичка пресметка.
Објавени се и видеоснимки како пратениците се туркаат едни со други.
Седницата беше прекината 15-ина минути, по што Гурлек положи заклетва опкружен со пратениците на владејачката партија додека опозиционерите фрлаа копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
Опозициската Републиканска народна партија обвини дека назначувањето на Гурлек за министер за правда, кој претходно беше главен обвинител во Истанбул, е удар врз демократијата и владеењето на правото. Владејачката Партија на правдата и развојот, пак, рече дека постапката е спроведена согласно уставните овластувања.
Како главен обвинител на Истанбул, Гурлек водеше високопрофилни судења против неколку члена на Републиканската народна партија, постапки што опозицијата долго време ги осудуваше како политички мотивирани.
