Сепак, тој додаде дека Норвешка и Русија сè уште одржуваат ограничен контакт во врска со мисиите за пребарување и спасување во Баренцовото Море и дека има редовни состаноци на границата меѓу претставниците на двете војски

Началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили, Ерик Кристоферсен, синоќа изјави дека Осло не ја исклучува можноста во иднина да дојде до руска воена акција против Норвешка, оценувајќи дека Москва би можела да дејствува за да ги заштити своите нуклеарни капацитети на далечниот север од Европа.
„Не ја исклучуваме можноста за одземање на наше земјиште од Русија како дел од нивниот план за заштита на сопствените нуклеарни капацитети, што е единственото нешто што им останало, а всушност ги загрозува Соединетите Американски Држави“,
изјави генералот Кристоферсен за „Гардијан“.
Тој додава дека Русија нема освојувачки цели во Норвешка на ист начин како што имала во Украина или други поранешни советски територии, но рече дека голем дел од нуклеарниот арсенал на Русија се наоѓа на полуостровот Кола, на кратко растојание од норвешката граница. Таму, според Кристоферсен, се распоредени нуклеарни подморници, копнени ракети и авиони способни за нуклеарно боево оружје. Ова, како што вели, би било клучно ако Русија дојде во конфликт со НАТО.
„Ние не го тргаме тоа од маса, бидејќи сè уште е опција Русија да го стори тоа за да се осигури дека нивните нуклеарни капацитети, нивните можности за втор удар, се заштитени. Тоа е еден вид сценарио на далечниот север за кое се подготвуваме“,
рече тој.
Зборувајќи за безбедносната состојба, Кристоферсен изјави дека иако Норвешка ја разгледува можноста за класична инвазија, во моментов првенствено ги следи хибридните закани, вклучувајќи саботажа и електронско блокирање.
„Ако се подготвите за најлошото, нема ништо што ве спречува да можете да се спротивставите и на саботажите и на повеќе хибридни закани“,
додава тој.
Сепак, тој додаде дека Норвешка и Русија сè уште одржуваат ограничен контакт во врска со мисиите за пребарување и спасување во Баренцовото Море и дека има редовни состаноци на границата меѓу претставниците на двете војски.
Тој препорача воспоставување воена телефонска линија меѓу двата главни градa за да се има канал за комуникација и да се избегне ескалација врз основа на недоразбирања. Тој рече дека руските акции на далечниот север генерално биле помалку агресивни од оние во Балтичкото Море.
Кристоферсен рече дека кога станува збор за арктичкиот архипелаг Свалбард, Русија го почитува меѓународниот договор од 1920 година што ја забранува милитаризацијата на областа, отфрлајќи ги обвинувањата на Москва за „тајна милитаризација“ како пропаганда.
