„Гоце Делчев е човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и исполнуваме на неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ, за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани. Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска“, порача премиерот на денешното чествување на 154-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер
Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме Македонија – порача премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 154-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер. Премиерот ја предводеше владината делегација која денеска положи свежо цвеќе и му оддаде почит на великанот пред неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

„Македонскиот великан Гоце Делчев е човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и исполнуваме на неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ, за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани. Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава“,
изјави Мицкоски.
Покрај премиерот, во владината делегација која денес присуствуваше на централното чествување по повод раѓањето на Делчев беа и министерката за образование и наука Весна Јаневска и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
