При анализата на состојбата на недоградените објекти, како што вели професорот Марковски, се изненадиле од силна карбонизација во бетонот што потврдува дека има енермно загадување во тој дел од Скопје. Карбонизација на бетонот на зачудувачки високо ниво, според него, е утврдена на некои места на објектите како последица на комбинација од влага и големо присуство на јаглерод диоксид, процес што може да доведе до корозија на арматурата
Двата недовршени објекти кај Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), чија изградба е стопирана повеќе од десет години, ќе се доградуваат кога ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.

Од Министерството за образование и наука (МОН) соопштија дека во петокот на 30 јануари завршил рокот за аплицирање на тендерот за нови проекти за градба, кој беше објавен на крајот од минатата година врз основа на стручната анализа за состојбата во која се сега недоградените објекти и согласно потребите на нивните идни корисници.
Некои од потребите, како и стандардите за градење, од 2013 година кога почна изградбата, се сменети и затоа е одлучено и навадено во тендерот, двата објекти да ги користи само Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ), бидејќи една зграда не ги задоволува потребите, ниту на овој, ниту на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој беше наменет другиот објект.
За Факултетот за физичко образование, според МОН, се планира нова зграда на местото каде се наоѓа.
Повикот за понуди за репроектирање на објектите беше направен кога МОН ја доби анализата направена од стручно тело, координирано од проф. Горан Марковски од Градежниот факултет. Во работната група беа вклучени и други факултети на УКИМ, како ФЕИТ, Машинскот и Архитектонскиот факултет, како и Институтот за земјотресно инженерство инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Професорот Марковски за МИА изјави дека двата објекта, кои се простираат на вкупно 22 753 метри квадратни, ќе го задржат постојниот габарит и нема да имаат барокна фасада.
Двата објекта ќе бидат подземно поврзани со паркиралиште, а ќе и топла врска со нив, бидејќи ќе бидат еден факултет.
„Сега треба да се најде проектант, а потоа изведувач и да ги доврши работите: проектната задача е доста обемна од сите аспекти. Дадени им се одредени насоки на идните проектанти каде треба да се движат во однос на архитектонскиот облик, но се разбира не премногу детално, зашто на проектантот треба да му се даде слобода“,
вели проф. Марковски.
При анализата на состојбата на недоградените објекти, како што вели професорот, се изненадиле од силна карбонизација во бетонот што потврдува дека има енормно загадување во тој дел од Скопје. Карбонизација на бетонот на толку зачудувачки високо ниво е утврдена на некои места на објектите како последица на комбинација од влага и големо присуство на јаглерод диоксид, процес што може да доведе до корозија на арматурата.
„Во толку кус период од десетина години имаме толку голема карбонизација навлезена во длабочината на бетонските елементи. Има и на мостовските конструкции, кои се изложени на надворешни влијанија, но тоа е процес кој треба да трае стотина години. А овде имаме за само десет години. И од научна гледна точка за нас тоа е интересен податок и потврда за тоа колку во Скопје е загаден воздухот“,
вели тој.
Според него, со новиот проект треба да се заштитат загрозените делови, а останатитот дел од конструкцијата е солиден и нема показатели на деградација.
„Објектите стојат отворени и оставени на атмосферските влијанија, како дожд, мраз, снег, внатре влегувала вода и стоела додека не испари итн. Тоа траело со години. Во арматурата засега не е почната корозијата, но добро е што ќе се преземаат активности за завршување на овие објекти. Ако така остане уште некое време, дополнително ќе треба да поскапи целата алтернатива. Сега има мерки кои се релативно евтини и лесно применливи за да може да се стопира тој процес“,
вели тој.
Динамиката на продолжување на изградбата ќе зависи од расположливите средства во државниот буџет.
Се очекува пректирањето да заврши до есен, а до крајот на годината да биде распишан тендер за избор на изведувач.
Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година, изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, но само 40 отсто од работите во договорот се реализирани и исплатени, или износ од 110 милиони денари.
Изградбата на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, пак, требало да чини 432 милиони денари, а реализацијата на проектот е 16,2 отсто, а исплатени се 73 милиони денари.
Објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се во изградба од крајот на 2015 година. Тендерот за нивна изградба, тежок речиси 20 милиони евра, го доби штипски „Бетон“. Активно се градеше до 2019 година, кога во стечај замина изведувачот „Бетон – Штип“. Оттогаш градежните активности на терен, за кои до тој момент се потрошија околу 3,3 милиони евра, се стопирани.
Уште од самото основање на факултетот во 2011 година, студентите на ФИНКИ следат настава во повеќе објекти при технолошко-техничкиот кампус при УКИМ и немаат сопствени простории.
