Кобната ноќ полицајците влегле во „Пулс“ по усна наредба, пиротехниката се активирала среде контрола, а тие не го спречиле тоа. Тринаесет полициски службеници, од кои четворици се началници, се гонат дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност
Во другите две обвиненија полицајците се товарат за злоупотреба на службената положба

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе три обвиненија против полициски службеници поврзани со настани во т.н. кабаре „Пулс’ во Кочани, во која на 16 март загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Обвиненијата следуваат по истражна постапка која опфатила 27 полициски службеници, но дел од нив се опфатени во повеќе предмети.
Едното обвинение е против 13 полициски службеници, од кои девет се полицајци, а четири началници. Двајца од началниците се од СВР Кочани и двајца од Штип. Во овој предмет обвинетите се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност. Според Обвинителството, тие од 14 до 16 март – денот кога се случи трагедијата, одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во нивна надлежност ниту, пак, дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи. Кобната ноќ влегле во „Пулс“ во 2:20 часот по полноќ, по усна наредба, а пиротехниката се активирала среде контрола.
„На 16.3.2025 година, дел од обвинетите, постапувајќи по наведениот план за акциска контрола во кабаре ‘Пулс’ во Кочани, не презеле соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничката опрема на сцената, иако употребата на пиротехниката не била пријавена во ПС Кочани. Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапувањето смрт на 63 лица, а 223 се здобиле со тешки телесни повреди и телесни повреди“,
велат од ОЈО ГОКК и дополнуваат дека на ниту еден од обвинетите ова не му била прва акциска контрола.

Другото обвинение опфаќа девет полициски службеници кои се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување. За нив Обвинителството смета дека не извршиле целосна и детална проверка при издавање согласност за добивање лиценца на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Тие биле задолжени за проверки од аспект на јавниот ред и мир и сообраќајната безбедност, потпишале дека т.н. кабаре ги поседува предвидените најмалку 20 паркинг-места, иако ги немало.
„Овозможиле истото да добие лиценца за 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284 576 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен поголем износ од 335 916 денари бруто-плата“,
појаснуваат од ОЈО ГОКК.
Третиот обвинителен предлог опфаќа тројца полициски службеници кои се обвинети за злоупотреба на службената положба. Тие при изготвување службени записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки. Наместо на име на активниот субјект, пишувале прекршочни пријави на фирма која не е активна.
„Обвинетите, при изготвување на записници за извршена контрола во клубот во кои констатирале сторени прекршоци, а внеле неточни податоци за правното и одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивно правно лице и физичко лице со намера за правното и физичкото лице да прибават имотна корист“,
велат од ОЈО ГОКК.
Донесена е и наредба за запирање на истражната постапка за седум полициски службеници, на кои им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 2012 до 2022 година. Со оглед на тоа што надлежноста на Специјализираното одделение на ОЈО ГОКК е од 2018 година, Обвинителството ќе ги цени само дејствијата преземи од 2019 до 2022, додека за другите предметот е испратен на надлежно постапување во ОЈО Кочани.
„Полициските службеници биле надлежни да вршат проверки во делот на исполнување на условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, но не и проверки поврзани со услови за противпожарна заштита и минимално – технички услови за вршење на угостителска дејност кои не спаѓаат во нивна надлежност. Оттука, нивните дејствија не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот критичната вечер“,
појаснуваат од Обвинителството.
Обвиненијата се поднесени во Основниот кривичен суд во Скопје, а за сите обвинети лица остануваат во сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката.
Инаку, за пожарот во „Пулс“ во тек е еден судски процес кој опфаќа 35 физички и три правни обвинети лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
Родителите на загинатите деца на последниот марш во саботата во Кочани повторно побараа одговор до каде е истрагата против осомничените полициски службеници кои кобната вечер биле во „Пулс“.
