Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе истражна постапка против осомничен кај кого се пронајдени значителни количини марихуана и хашиш.
Осомничениот се товари дека во период од октомври лани до 23 овој месец, во угостителски објект во селото Јосифово, неовластено чувал дрога наменета за продажба. При полициската акција, под работна маса од инокс во објектот, била пронајдена пластична кофа во која биле сокриени 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од двете супстанции и дигитална вага.
Освен ова лице, за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, се гонат уште три лица кои препродавале марихуана во близина на лозови насади во Јосифово.
На 21 јануари еден од осомничените му продал околу 680 грама марихуана на друг соучесник, кој дрогата ја криел во штала. Следниот ден пратката била пренесена кај трето лице во селото Пирава, чија задача била да ја препакува дрогата и да посредува при продажбата на крајни корисници.
При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.
