Од Сојузот на синдикати на Македонија, во пресрет на протестот в среда, бараат зголемување на минималната плата од сегашните 397 на 600 евра во нето-износ

Македонија е на дното кога станува збор за платите и затоа не би рекол дека на некој треба да му се чини многу зголемување на минималната плата од сегашните 397 на 600 евра, вели претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Тој рече дека овие тврдења ги базира на фактот што владите на сите држави од опкружувањето на Македонија ги зголемиле работничките плати, токму преку зголемување на минималната плата.
Како пример ги посочи Албанија, каде што покрај зголемувањето на износот на минималната плата, државата ќе ги субвенционира и придонесите за останатите плати за да може да се зголемат. Дополнително, вели тој, во Босна и Херцеговина сумата се движи од 511 до 740 евра, во Србија минималната плата е 550 евра, а сите овие земји имаат пониска инфлација и поевтини производи од Македонија. Токму поради ова, според Трендафилов, ништо не ги спречува работодавачите и Владата да ја зголемат минималната плата.
„Ако направеа исчекор минатата година да се зголеми минималната плата на 500 евра, денеска немаше да им се гледа толку многу зголемувањето на минималната плата, а, пак, ако земеме податоци од синдикалната минимална кошничка во овие две години кога бараме зголемување на минималната плата, таа е зголемена за повеќе од 9 500 денари. Значи, 9 500 денари му недостигаат на четиричлено семејно домаќинство за да си ги овозможи најосновните производи за живот односно за преживување, не и за луксуз, и затоа сметаме дека секој износ над 9 500 денари е добредојден за работниците“,
рече Трендафилов.
Во однос на изјавите што доаѓаат од Бизнис конфедерацијата, од каде што јавно кажуваат оти се подготвени да разговараат и да се согласат за зголемување на минималната плата, доколку придонесите ги покрие државата, Трендафилов вели дека токму тоа било тема на разговор со работодавачите минатата година, но за жал иако работодавачите подавале рака, Владата вели да седнат и да се договорат со нив, иако нема никакви сигнали дека тие би биле согласни да ги покријат придонесите.

„Владата од старт го сосече дијалогот со работодавачите, оној бипартитниот кој го водевме ние како претставници на синдикатите, па одозгора кога нè нападнаа и кога работодавачите видоа дека овие удрија со сè и сешто по синдикатите само затоа што бараат зголемување на работничките плати, работодавачите се повлекоа од целокупниот процес затоа што сметаа дека имаат да изгубат повеќе од работниците, односно дека може да ги изгубат бизнисите и компаниите“,
рече претседателот на ССМ.
Трендафилов вели оти Владата не треба да се однесува деспотски или робовладетелски со работниците бидејќи е директен работодавач на 80 илјади работници и индиректен работодавец на 138 илјади вработени, колку што има во јавниот сектор. Доколку минатата година бил постигнат договор и доколку не биле, како што рече, себични, за сите работници кои лани би добиле покачување од 6 000 денари, оваа година работодавачите би плаќале по 3 000 денари придонеси.
„Тоа беше идеја и барање токму на работодавачите за да можат да се реорганизираат, реструктурираат во овој период од 12 месеци и Владата денеска ќе имаше 10 милиони евра во буџетот по однос на придонеси за задолжително социјално осигурување во месец јануари, а во месец декември оваа година ќе имаше 120 милиони евра, па немаше да има потреба да се задолжува“,
заклучи Трендафилов.
На прашањето што доколку на маса добијат предлог за минимална плата од 30 000 денари, а за разликата помеѓу сегашната и новата придонесите да ги покрива Владата, тој рече дека тие не се борат само за зголемување на минималната, туку и на сите останати. Вели, предлози во моментов нема и дека сè е сведено на хипотези оти, како што рече, цела година водат монолог на Економско-социјалниот совет, а Владата со цел да ја зајакне својата позиција, наместо да разговара, направила уште еден репрезентативен синдикат кој ги поддржува нивните политики.
