Завршницата на фудбалската сезона во Лигата на шампионите и Лига Европа ќе биде одиграна во август, на турнир во Лисабон и во градови низ Германија. Засега, одлуката е натпреварите да се играат без публика, но од УЕФА не ја исклучуваат можноста да се смени ова решение.

„Се уште не сме одлучиле дали ќе нема или ќе има гледачи на стадионите. Ќе ја оцениме ситуацијата на почетокот на јули, зависно какви ќе бидат околностите. Би било неодговорно од наша страна ако одлучиме онапред за ситуација за која не можеме да биде сигурни во овој момент“,
изјави Александар Чеферин, претседател на УЕФА.
Лига на шампиони – распоред на натпревари | |
---|---|
7 Август | осминафиналиња |
8 Август | осминафиналиња |
12 Август | четвртфинале |
13 Август | четвртфинале |
14 Август | четвртфинале |
15 Август | четвртфинале |
18 Август | полуфинале |
19 Август | полуфинале |
23 Август | финале |
Лигата на шампионите ќе продолжи со возвратните осминафинални дуели кои не се одржаа поради пандемијата со ковид-19. На 7 и 8 август ќе играат – Манчестер Сити против Реал Мадрид, Баерн Минхен против Челзи, Јувентус против Лион и Барселона против Наполи. УЕФА засега нема конечна одлука дали домаќините ќе ги играат мечевите на домашен или на неутрален терен.
Сите понатамошни рунди ќе се решат во еден меч, наместо досегашниот формат на два меча. Мечевите ќе се играат во Лисабон од 12 до 23 август (кога е планирано да се одигра финалето). Истанбул, кој требаше да биде домаќин на финалето, ќе биде домаќин следната 2021 година.
Лига Европа пак ќе продолжи на 10 август. Преостанатите натпревари од осминафиналето ќе се играат на 5 и 6 август. Од УЕФА велат дека наскоро ќе се донесе конечна одлука – дали овие мечеви ќе се играат на теренот на домаќините или на стадиони низ Германија.
Кој ќе продолжи во дуелите Интер против Хетафе и Севиља против Рома, кои не ги одиграа ниту првите натпревари, ќе се одлучи на еден натпревар, без реванши. Гдањск, каде требаше да се одржи годинешното финале, ќе биде домаќин следната година.
Лига Европа – распоред на натпревари | |
---|---|
5 Август | осминафиналиња |
6 Август | осминафиналиња |
10 Август | четвртфиналиња |
11 Август | четвртфиналиња |
16 Август | полуфинале |
17 Август | полуфинале |
21 Август | финале |