На прашање на адвокатот Вељо Кадиев дали во неговиот делокруг на работа спаѓало изготвување и разгледување ревизорски извештаи, сведокот изјави дека во систематизацијата на работните места не е експлицитно наведено дека раководителот на Секторот за финансиски прашања е обврзан да ги чита сите ревизорски извештаи
Со вкрстено испитување поранешен директор на Одделот за финансиско работење при Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во својство на сведок денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“.

Станува збор за вториот дел од предметот „Онкологија“, во кој за незаконско набавување лекови, нивно прикривање преку фиктивни тендери и присвојување дел од терапијата обвинети се поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и економскиот директор на Клиниката, Нехад Нухи.
На рочиштето сведокот одговараше на прашања од одбраната на обвинетиот Васев, адвокатите Дељо Кадиев и Боби Спирковски, а поврзани со неговите работни обврски и надлежности во Фондот, како и со механизмите за финансиска контрола на здравствените установи.
На прашање на адвокатот Вељо Кадиев дали во неговиот делокруг на работа спаѓало изготвување и разгледување ревизорски извештаи, сведокот изјави дека во систематизацијата на работните места не е експлицитно наведено дека раководителот на Секторот за финансиски прашања е обврзан да ги чита сите ревизорски извештаи.
Сепак, како што кажа, иако тоа не било дел од неговите обврски, тој ги читал тие извештаи.
„Иако тоа не беше систематизирано, сепак ги читав тие извештаи. За Фондот апсолутно да, но за Универзитетската клиника за радиологија и онкологија (УКРО) не, бидејќи Фондот нема надлежност“,
кажа сведокот, пренесе МИА.
Одговарајќи на прашањата, тој појасни дека финансиските контроли се спроведуваат согласно годишен план што го усвојува Управниот одбор на Фондот, додавајќи дека како директор на Одделот за финансиска контрола имал право да спроведува контроли, исто како и другите секторски директори и генералниот директор на ФЗО.
Во текот на испитувањето, одбраната се повика и на извештај на Државниот завод за ревизија од 24 јуни 2021 година, со кој, како што посочи адвокатот Кадиев, била извршена ревизија исклучиво на Фондот за здравствено осигурување. Според наводите во извештајот, Фондот не воспоставил и не спроведувал соодветни контроли кои би обезбедиле потврдување на реалноста и објективноста на фактурираните медицински интервенции и услуги реализирани од приватните здравствени установи. Поради тоа, како што рече, постоел ризик од признавање и плаќање услуги кои реално не биле извршени.
Сведокот кажа дека станува збор за јавен извештај, достапен за јавноста, кој бил разгледуван и од Анкетната комисија во Собранието за случајот „Онкологија“.
На прашање на адвокатот Боби Спирковски дали утврдените системски слабости укажуваат на нефункционален финансиски систем кој постоел и пред неговото именување, сведокот изјави дека како финансиски директор бил одговорен за целокупното работење на Фондот во рамки на неговите овластувања.
„Како финансиски директор бев одговорен за координација на секторот за финансиски прашања, предлагање и корекција на буџети, следење на обврските и контрола на трошењето, не само финансиска, туку и суштинска“,
кажа сведокот.

Во однос на планирањето и распределбата на средствата, сведокот појасни дека буџетите се жива материја и дека можат да се менуваат во текот на годината. Наведе дека Фондот има можност да врши пренамена на средства во рамки на одобрениот буџет, без промена на вкупниот износ, со соодветно писмено образложение и постапка согласно надлежностите.
Сведокот истакна дека буџетските резерви се во надлежност на Министерството за финансии и дека нивното трошење не е во надлежност на Фондот.
„Ние располагаме исклучиво со средствата на Фондот и со неговиот вкупен финансиски план“,
наведе сведокот.
Во делот за односот меѓу Министерството за здравство и Фондот, сведокот посочи дека постои потреба од планирање на сите средства што се одвојуваат за јавните здравствени установи, особено поради големиот број здравствени услуги и договори што Фондот ги склучува со јавните и приватните здравствени установи.
Рочиштето беше прекинато поради службени обврски на бранителката на обвинетиот Нехад Нухи, а судењето продолжува на 3 февруари 2026 година, со испитувањето на истиот сведок.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираа вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
