Соопштението на владејачката партија доаѓа по вчерашното интервју на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов и реакцијата што потоа уследи од неговата матична партија – СДСМ, која го обвини дека е дел од планот за нејзино рушење
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го прозва лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, да одговори како ексградоначалникот на Скопје и поранешен функционер во СДСМ, Петре Шилегов, одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а во минатото токму Филипче бил советник на министер од редовите на оваа партија.

Во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не сакаат да се мешаат во внатрешните проблеми на СДСМ и на актуелниот лидер Венко Филипче и поранешниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев, но бидејќи опозициската партија по секоја цена сака да ги вмеша, оттаму поставуваат неколку прашања.
„Прво, Венко на наредната прес-конференција кога ќе ја заменува портпаролката Богданка Кузеска треба да одговори како Шилегов е на ВМРО-ДПМНЕ, а Филипче беше советник на министер од ВМРО-ДПМНЕ.
Второ, како за кус период сите кои не мислат како Филипче, за Филипче станаа ВМРО-ДПМНЕ преку ноќ?
Трето, зошто воопшто ВМРО-ДПМНЕ би го рушела Филипче, преку Шилегов, кој СДС како најголем конкурент на ВМРО-ДПМНЕ ја направи трета партија во земјава, а петта во Скопје?
Четврто, дали има некој поистакнат член на СДС, освен Жерновски од ЛДП, кој денес не бара оставка на Венко Филипче?
Додека Филипче се кара за темата кој бил повеќе на ВМРО-ДПМНЕ, добро е да одговори на овие прашања. Сè друго е бегање од реалноста и од сопствената одговорност“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението на владејачката партија доаѓа по вчерашното интервју на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов и реакцијата што потоа уследи од неговата матична партија – СДСМ, која го обвини дека е дел од планот за нејзино рушење.
Шилегов во интервју на ТВ Телма синоќа, меѓу другото, го повтори својот став дека е потребна смена во раководството на СДСМ, наведувајќи дека ако тоа се случи, тогаш на следните избори сега опозициската партија ќе ја однесе победата над ВМРО-ДПМНЕ.
„Убеден сум дека со вакво ВМРО-ДПМНЕ, ако се консолидираме за два месеци, на следните избори може да го поразиме. Поразително е да имате мнозинско опозициско расположение, а како опозициска партија СДСМ да се борите со ДУИ и Левица, за втора и трета опозициска партија, а не да биде лидер на опозицијата. Ако дојде до брза промена на раководењето и креирањето на политики на СДСМ, јас ви гарантирам дека на следните вонредни избори ваквото неспособно ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе го порази“,
рече Шилегов.

Тој ја критикуваше СДСМ за монопoлизирање на носењето одлуки од страна на актуелното раководство, што, како што кажа, е причина за поларизација во партија меѓу актуелните пратеници, како и високи актуелни и поранешни функционери внатре во партијата.
„Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласа и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа… Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“,
рече Шилегов.
На неговите критики веднаш реагираа од СДСМ, наведувајќи дека обидите на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на СДСМ однатре продолжуваат преку Петре Шилегов.
Имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано. Шилегов вечерва користеше иста реторика од прес-конференциите и соопштенијата на ВМРО, дека сме биле ‘изолирана партија’ (термин на Мицкоски) која ‘седела со Груевски’. Зошто? За да го спаси Мицкоски од обвинувањата дека е криминалец! Оваа специјална операција на ВМРО трае веќе неколку недели, секојдневно“,
наведоа од СДСМ во реакцијата.

Оттаму порачаа дека обидите за уривање нема да успеат, дека СДСМ нема да застане и оти правдата ќе победи.
