До Комисијата на блокови од целата земја упатија предлог во блиска иднина да се одржи нов состанок на ниво на цела Грција на кој би се разгледала можноста за одржување протест во Атина
Голем дел од грчките земјоделци се очекува до петок постепено да се повлекуваат од блокадите низ цела Грција, а не е исклучена ниту можноста од целосно тргање на тракторите од автопатиштата и од граничните премини.

Грчките автопатишта, споредните патишта, како и граничните премини денеска остануваат отворени.
Грчките земјоделци со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одржаа состаноци на кои го разгледуваа исходот од разговорите и донесоа одлуки.
Еден од главните блокови во земјата, поставен кај месноста Никеа во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина одлучи в петок да ги повлече тракторите од блокадата и да се упатат кон центарот на градот со цел симболично да ги завршат протестите по поминати 54 дена на улица.
Земјоделците од блокот Малгара што се наоѓа во близина на Солун, пак, најавија дека остануваат на блокадата, но без затворање на патот. За петок најавија дека ќе одржат протест во центарот на градот.
До Комисијата на блокови од целата земја упатија предлог во блиска иднина да се одржи нов состанок на ниво на цела Грција на кој би се разгледала можноста за одржување на протест во Атина.
На состанокот што пред два дена го одржаа во Премиерската палата присуствуваше делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи одредени од земјоделците од 62 блока од цела Грција.
Според грчката влада, веќе се преземени иницијативи за прашањата што земјоделците постојано ги покренуваат, но дека не постои дополнителен простор за нови мерки за поддршка.
Дел од земјоделците иако не беа целосно задоволни од дискусиите, сепак, посочија дека го завршуваат циклусот на динамични протести што трае речиси два месеци. Во иднина, како што додадоа, ќе одлучат дали со тракторите ќе заминат за Атина за да одржат протест.
Мицотакис по средбата со земјоделците изрази надеж дека, како што рече, ќе надвладее логиката, додавајќи дека со останување на блокадите, тие нема да добијат ништо повеќе.
Протестите на грчките земјоделци почнаа на 30 ноември лани со блокади на автопатишта, патишта и граничните премини главно поради високите трошоци за производство, ниските цени на производите и значителните доцнења во добивањето субвенции од Европската Унија.
