Предлогот доаѓа во време кога светските лидери се собираат на Светскиот економски состанок во Давос, каде што се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи да се залага за преземање на контролата врз автономната данска територија
Франција побара вежба на НАТО да се одржи на Гренланд, соопштија од канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макротн.

Предлогот доаѓа во време кога светските лидери се собираат на Светскиот економски состанок во Давос, каде што се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи да се залага за преземање на контролата врз автономната данска територија.
Од почетокот на својот мандат, Трамп постојано повторува дека сака САД да го анектираат Гренладн, наведувајќи дека причините за тоа се безбедносни.
Американскиот претседател Доналд Трамп на вчерашната прес-конференција во Белата куќа, одржана само неколку часа пред тој да замине на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија рече дека Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО ќе постигнат договор за иднината на Гренланд што ќе ги направи задоволни и двете страни.
„Мислам дека ќе најдеме решение со кое и ние и НАТО ќе бидеме многу задоволни. Островот ни е потребен од безбедносни причини“,
рече тој, повторувајќи дека Северноатлантската алијанса не би била силна без САД.
На прашањето колку далеку е подготвен да оди за да го стави Гренланд под контрола на САД, тој само кусо одговори:
„Ќе дознаете“.
Желбата на Трамп да го присвои Гренланд, кој го означи како стратешки важна територија за САД и кој по никоја цена не сака да им го предаде на Русија или Кина, ја потресе глобалната сцена, но и ги стави односите меѓу САД и Европа на сериозен тест.
