Според локалните власти, несреќата се случила кога возот удрил во потпорен ѕид што паднал на пругата помеѓу Гелида и Сант Садурни поради силна бура придружена со обилни врнежи
Нова железничка несреќа се случи во Шпанија откако вчеравечер патнички воз излета од шините во близина на Барселона, пренесува Би-би-си.

Според информациите од шпанските власти, во несреќата загина машиновозачот, а најмалку 37 лица се повредени.
Оваа несреќа следува откако во неделата се судрија два воза, при што загинаа најмалку 42 лица.
Според локалните власти, несреќата се случила кога возот удрил во потпорен ѕид што паднал на пругата помеѓу Гелида и Сант Садурни поради силна бура придружена со обилни врнежи.
Надлежните информираат дека сите патници се извадени од возот, а се спроведуваат пребарувања на областа, со цел да се исклучат евентуални дополнителни жртви.
Во делови од Каталонија е прогласен црвен аларм поради бурата Хари, која донесе ветрови до 80 километри на час и обилни врнежи од дожд. Предупредувања се издадени и за приближување до пристаништата и плажите поради високи бранови.
