„Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, се вели во известувањето од МВР
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати известување до граѓаните дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20 јануари (вторник) до 31 јануари (сабота), ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор.

Тестирањата, како што се наведува во известувањето, ќе се реализираат секој ден во периодот од 8 до 20 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, како што велат од МВР, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
„Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“,
се вели во известувањето од МВР.
Системот „Безбеден град“, според најавите на надлежните официјално треба да почне да функционира од 1 февруари. Дека овој датум ќе биде запазен оптимизам изрази и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека нејаснотиите што ги имале со ДУИ за измените на Законот за прекршоци се надминати и оти очекува тие да бидат донесени на следната собраниска седница.
Неизвесноста во врска со измените на Законот за прекршоци, а со тоа и на планираниот датум за почетокот на проектот на „Безбеден град“, се наметна откако по лидерската средба лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кажа дека бара гаранции за да ги поддржи измените, односно дека треба да се разгледаат амандмани што се поднесени во Собранието во врска со нив.
Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања на оваа тема, кажа дека на вчерашната средба меѓу координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле разјаснети сите нејаснотии што се појавиле на лидерската средба во Клубот на пратеници во средата поврзани со измените на Законот за прекршоци.
Тој повтори дека за да поминат измените е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат најмалку 80 пратеници, но не и Бадентерово мнозинство.
Осврнувајќи се на проектот, премиерот дека на почеток се очекува да има одредени приспособувања, односно, како што ги нарече, нивелирања на самиот проект, но тоа е процес што ќе тече.
Додаде дека се исклучително задоволни од тест периодот на „Безбеден град“, кој почна на 1 декември и кој, како што кажа Мицкоски, придонел во последниот месец од минатата година на територијата на градот Скопје да нема сообраќајни несреќи со смртни последици за разлика од истиот месец 2024 година, кога ги имало пет.
