Полуавтоматските пиштоли, од кои пет со голема пробивна моќ, биле сокриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобил што од прилепска фирма го изнајмил жител на градот. Против него ОЈО Гевгелија отворило истрага во која го товари за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи
Девет службени пиштоли, кои на 5 јануари биле украдени од просториите на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во Скопје, се пронајдени во автомобил при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оружјето било пронајдено во автомобил марка „шкода октавија“, сопственост на фирма од Прилеп.
Според Обвинителството, возилото на 14 јануари од компанијата го изнајмил жител на Прилеп, со намера со него да ги пренесе преку граница полуавтоматските пиштоли, сокриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот.
По сериските броеви било утврдено дека станува збор за оружјето кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, а регистрирано како службено оружје на обезбедувањето во скопското претпријатие.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донел наредба за отворање истражна постапка против осомничениот за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ). Дополнително, до судија на претходна постапка е доставен предлог да му биде одредена мерка притвор.
За случајот денеска информира и Царинската управа од каде што наведоа дека нејзините екипи на ГП „Богородица“ спречиле обид за сериозен меѓународен криминал, запленувајќи девет пиштоли, од кои пет биле со голема пробивна моќ.
„Делото е откриено во вторникот вечерта (13 јануари) од страна на царински службеници на граничниот премин ‘Богородица’, на излез од државата, при детален претрес на возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин при што во кровот, помеѓу лимот и тапацирот, се пронајдени пиштоли од марката „црвена застава“,
се вели во соопштението од Царинската управа.

Случајот, како што додаваат оттаму, бил предаден на Одделението за истраги, кое го лишило од слобода осомничениот, а по преземени предистражни дејствија против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
