ВМРО-ДПМНЕ никогаш не истерале цел мандат на власт, а индикатор е и буџетот кој е скроен како за предизборна година, вели потпретседателката на СДСМ и пратеничка во парламентот, Јована Тренчевска

СДСМ одби учество на лидерската средба минатата недела, а во серија јавни настапи пораките оттаму се дека тие не сакаат да бидат алиби на власта за предвремени парламентарни избори. Зошто на „Бихаќка“ се убедени дека власта се подготвува за предвремени парламентарни избори во текот на оваа година, беше едно од прашањата до Јована Тренчевска – потпретседателката на СДСМ и пратеничка, која гостува во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1.
Тренчевска: Многу работи што се случуваат укажуваат на тоа дека власта е спремна за предвремени парламентарни избори, меѓутоа и практикувањето на власта во минатото на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека никогаш не истерале еден цел мандат. Туку секогаш на втората, третата година – нови предвремени парламентарни избори. Носењето на буџетот е еден силен индикатор – овој буџет за 2026 година е буџет којшто е скроен за предизборна година. Буџет којшто е празен, каде што имаме само сервисирање на плати, на пензии. 9% од целиот буџет за капитални инвестиции укажува дека е буџет којшто ќе трае најмногу девет месеци во годината.
„360 степени“: Министерката за финансии го нарекува буџет за фискална консолидација.
Тренчевска: Не може да биде за фискална консолидација буџет којшто нема капитални инвестиции. Тоа е потрошувачки буџет, не е развоен буџет. Вие од вкупната сума да имате само 9% за капитални инвестиции.
На новинарска констатација дека се најавува почеток на градба на брза пруга, за која правните претпоставки не се познати, па можно е да се предвидат пари со ребаланс на буџетот, Тренчевска вели – да почекаме.
Тренчевска: Видете, многу работи се најавуваа и во изминатата година, меѓутоа чекајте да видиме што и како ќе се случи.
„360 степени“: Прашањето беше за предвремени избори – вие мислите дека ќе има предвремени избори оваа година!?
Тренчевска: Апсолутно. Тоа е буџетот, буџетот е индикатор дека онака како што е скроен, како што е подготвен, е буџет за во една предизборна година.
„360 степени“: Вие ќе учествувате ли на тие избори?
Тренчевска: Апсолутно, СДСМ ќе учествува на сите избори.
