Говорејќи за Гренланд на прес-конференцијата во Кипар, шефицата на Европската комисија нагласила дека безбедноста на Арктикот првенствено останува одговорност на НАТО, но додала дека островот може да смета на политичката, економска и финансиска поддршка од ЕУ
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска најави нова безбедносна стратегија на Европската Унија (ЕУ) што треба да се очекува во првата половина на оваа година, притоа реферирајќи се на големите промени што се случуваат на геополитички план, објави „Еурактив“.

Таа ова го кажала говорејќи на прес-конференција во Кипар, за време на посетата на Колеџот на комесари на земјата по повод нејзиното шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ.
„Дојде време, во периодот на вашето претседателство (со Советот на ЕУ), да се развие нова европска безбедносна стратегија“,
кажала Фон дер Лајен.
Шефицата на ЕК во таа насока додала дека целта на стратегијата ќе биде да се соберат сите знаења за да се препознаат геостратегиските промени и потреби, но и да се проценат геополитичките промени за да се даде соодветен одговор.
Според „Еурактив“, описот на стратегијата што ја најавува Фон дер Лајен во голема мека наликува на веќе објавениот Стратегиски компас – безбедносната и воена стратегија што земјите членки на ЕУ ја усвоија во 2022 година.
Инаку, за новата стратегија „Еурактив“ пишуваше вчера, по средбата на Фон дер Лајен во Европскиот парламент со пратеници од групата на целтралнодесничарската Европска народна партија (ЕПП), од чии редови доаѓа и самата.
„Знаеме дека треба да бидеме силни, а силата значи. Ние не сме воена сила, но се градиме за да бидеме воена сила“,
кажала таа пред пратениците, пренесува порталот повикувајќи се на неколку извори кои биле присутни на состанокот.
Состанокот на Фон дер Лајен со пратеници од ЕПП се случил во пресрет на вчерашната средба на данската и гренландската делегација со клучните членови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, во врска со неговите закани за анексија на автономниот остров.
Говорејќи за Гренланд на прес-конференцијата во Кипар, шефицата на Европската комисија нагласила дека безбедноста на Арктикот првенствено останува одговорност на НАТО, но додала дека островот може да смета на политичката, економска и финансиска поддршка од ЕУ.
„Кога станува збор за нејзината безбедност, дискусиите за безбедноста на Арктикот се пред сè клучно прашање за НАТО“,
рекла таа.
Нејзините коментари доаѓаат во време кога Вашингтон го засилува притисокот врз Данска поради стратегиски лоцираниот, богат со минерали арктички остров. Фон дер Лајен претходно ги повика Европејците да останат цврсто на своите ставови во односно на американските закани за анексија на Гренланд.
Истовремено, таа нагласила дека Арктикот е стратегиски приоритет за Европската Унија.
„Прашањата за безбедноста на Арктикот се основни теми за Европската Унија и се од огромно значење за нас“,
рекла Фон дер Лајен додавајќи дека затоа ЕУ ги удвоила своите инвестиции и поддршката за Гренланд.
Вчера данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен рече дека неговата земја и САД остануваат на фундаментално различни позиции кога станува збор за прашањето за Гренланд, но потврди дека разговорите меѓу двете страни ќе продолжат.
Во меѓувреме неколку европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, додека Данска и нејзините сојузници се подготвуваат за вежби обидувајќи се да го уверат Трамп во безбедноста на областа.
Доналд Трамп во последните недели постојано повторуваше дека Гренланд, поради својата стратегиска локација и богатството на минерални ресурси, е клучен за безбедноста на Соединетите Американски Држави. Тој тврди дека Вашингтон мора да има контрола врз островот за да ја спречи Русија или Кина да го прошири своето влијание таму. Во исто време тој рече дека сите опции се на маса, што предизвика сериозни превирања и загриженост во рамките на НАТО.
