Комисија за прашања на изборите и именувањата на 11 декември не го почека носењето на новиот Закон за Судски совет и предложи за член на Советот да биде избран советник за прекршоци во тетовската полиција. Предлогот, кој наиде на реакции во јавноста и кај граѓанските организации што ги следат состојбите во правосудството, не се најде на дневен ред на пленарна седница
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека треба да биде распишан нов оглас за избор на член на Судскиот совет на предлог на Собранието бидејќи има нов Закон за Судски совет, што, како што кажа, ги менува правилата на игра.

Условно кажано, најавата на Гаши доаѓа откако Собранието лани не го почека носењето на новиот Закон за Судски совет и објави оглас за избор на член на ова тело по стариот за да го пополни местото на Селим Адеми, кому му истече мандатот. Имено, Комисија за прашања на изборите и именувањата на 11 декември предложи за член на Советот да биде избран советник за прекршоци во тетовската полиција. Предлогот, кој наиде на реакции во јавноста и кај граѓанските организации што ги следат состојбите во правосудството, не се најде на дневен ред на пленарна седница, по што сега се најавува нов оглас.
Сепак, како што наведе собранискиот спикер, објавувањето нов оглас е во надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и нејзиниот претседател и членовите треба да донесат одлука дали ќе има повторување на јавниот повик.
„Ќе треба да ги прашате претседателот и членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Најверојатно се на мислење да се повтори огласот затоа што веќе имаме нов закон и ќе треба сите членови да се изберат по новиот закон. Но, тоа мора да го донесат како одлука претседателот и членовите на Комисијата за изборите и именувањата. Сепак, работа е на Комисијата за изборите и именувањата. Кај нив треба да се обратите. Но, како битен момент за кој сме разговарале е токму моментот што имаме нов Закон за Судскиот совет и тој веќе ги менува правилата на игра“,
рече Гаши одговарајќи на новинарски прашања.
Пратеникот и претседател на надлежната собраниска комисија, Ѓорѓија Сајкоски, кој доаѓа од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за ТВ Телма потврдил дека следната недела ќе предложи распишување нов оглас за избор на член на Судскиот совет на предлог на законодавниот дом.
Инаку, денеска во Собранието пред претседателот на законодавниот дом и генералната секретарка Марина Димовска свечени изјави дадоа двете нови членки на Судскиот совет, универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.
Тие станаа нови членки на Судскиот совет откако на 12 декември со апсолутно мнозинство гласови беа избрани во Собранието, на предлог на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која го чекаше новиот Закон за Судски совет за да се пополнат местата во Советот што останаа испразнети откако на Весна Дамева и Миљази Мустафа им истече мандатот.
По свечената изјава, адвокатката Јошевска-Анастасовска за медиумите рече оти очекува дека заеднички ќе успеат од Судскиот совет да изградат силна институција.
Инаку, во Судскиот совет ќе има уште една една промена, затоа што овој месец му завршува мандатот на членот Ханиф Зендели.
Судскиот совет во рамките на 534. седница оваа недела ја утврди листата на кандидати, според направеното вонредно оценување. Филтерот го поминаа шестмина судии од редовите на заедницата која е повеќе од 20 отсто од населението во државата. Така, на 29 јануари судиите ќе избираат меѓу шест нивни колеги – Африм Јакупи, судија на Апелацискиот суд Гостивар; Садула Изаири, судија на Основниот суд Тетово; Улбер Хасани, судија на Основниот граѓански суд Скопје; Хасан Асани, судија/претседател на Основниот суд Тетово; Џемали Саити, судија на Врховниот суд и Шпреса Граинца-Османи, судија на Основен кривичен суд Скопје.

