Директорот за комуникации на „Туркиш ерлајнс“, Јахја Устун, на социјалните мрежи објави дека за време на приближувањето кон Барселона на летот Истанбул – Барселона TK1853, било откриено дека еден патник за време на летот креирал пристапна точка за интернет и го поставил името на мрежата така што ќе вклучува закана со бомба
Авион на „Туркиш ерлајнс“ на летот од Истанбул за Барселона денеска имаше принудно слетување откако беше откриено дека еден патник го сменил името на својата интернет-мрежа за да вклучи закана со бомба.

Директорот за комуникации на „Туркиш ерлајнс“, Јахја Устун, на социјалните мрежи објави дека за време на приближувањето кон Барселона на летот Истанбул – Барселона TK1853, било откриено дека еден патник за време на летот креирал пристапна точка за интернет и го поставил името на мрежата така што ќе вклучува закана со бомба.
„Веднаш беа покренати потребните процедури во рамките на безбедноста на летот. По безбедното слетување на авионот, надлежните органи на земјата вршат проверки. Процесот се спроведува во рамките на меѓународните правила за безбедност во воздухопловството“,
напиша тој, пренесува весникот „Хуриет“.
Шпанската агенција ЕФЕ претходно објави дека авионот на турската компанија извршил итно слетување на аеродромот „Ел Прат“ во Барселона поради пријава за закана со бомба.
Шпанскиот оператор на аеродроми АЕНА објави дека аеродромот работи нормално и дека безбедносните служби ја проценуваат ситуацијата.
По дојавата, два борбени авиони го следеа авионот, што требаше да слета во Барселона во 11 часот по локално време, а службите за итни случаи евакуираа околу 150 патници и ги извршија потребните проверки во авионот „ербас А321“, управуван од турска авиокомпанија, објави Паис.
Каталонската агенција за цивилна заштита го активира планот Аерокет на ниво на тревога за да ја следи „ризичната ситуација“ на аеродромот.
