Пред Нова година компанијата „Микеи Интернационал“ поднела жалба до Второстепената комисија за жалби по јавни набавки. На прашањата на „360 степени“ не ги открија во деталите причините поради кои се жалат, но сметаат дека имало неправилности во постапката
Тендерот за набавка на нови униформи за редовната полиција е поделен во четири дела – виндјакна, теренска униформа, чевли и чизми. За сите четири категории МВР како најдобра ја избра понудата на „Мегаспорт“. На тендерот конкурираа пет фирми, некои и со значително пониски почетни понуди од „Мегаспорт“ за одредени делови од набавката
Пред крајот на 2025 година министерот Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски промовираа 120 нови службени возила за потребите на полицијата.
„Навистина мислам дека имаме многу успешен проект кој ќе овозможи зајакнување на капацитетите на министерството“,
рече Тошковски.
Тендерот за набавка на овие возила беше распишан на средината на јули 2025 година, договорот беше потпишан еден месец подоцна, а возилата стигнаа на крајот на декември. Или, автомобилите стигнаа за само пет месеци од распишувањето на огласот. Таква динамика, се чини, нема за друга важна набавка на МВР – униформи за специјалните единици на МВР.

На 7 декември 2024 г. МВР го објави огласот за изработка на униформи за специјалните полициски единици. По неколкуте продолжувања на рокот и жалба, го добија две фирми. Ле бранд дизајн од Битола, микро-модно студио со две до три вработени лица и годишен приход од скромни 20 илјади евра. Оваа фирма треба да сошие маскирани униформи во вредност до 2,13 милиони евра.

Вториот дел од колачот и припадна на скопската фирма „Памитекс тим“. Оваа компанија беше регистрирана само 20 дена пред објавувањето на тендерот и е во сопственост на српската „Team Traders Company“. За нив се распределени 1,7 милиони евра од спогодбената рамка.
„По вашите јавни информации и сомнежи ги повикав овде сопствениците на двете фирми и им кажав дека согласно она кое јас го имам како информација, овде нема незаконитости во постапувањето на МВР. Не може да се утврдат, јас не можам да ги видам, но доколку се утврди било каква незаконитост во делот на нивното постапување, јас ќе бидам најмногу фокусиран да ја најдам таа“,
рече своевремено министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Кога на крајот на ноември 2025 година, односно осум месеци по склучувањето на договорите, прашавме во МВР дали ги добиле првите униформи за специјалците, оттаму ни одговорија дека направиле седум нарачки, но дека тече рокот за испорака. Четири нарачки се од „Памитекс“, во вредност од 921 илјади евра, а три од „Ле бранд дизајн“, кои чинат 732 000 евра.
Бидејќи униформите не беа стигнати, не ни беше одобрено барањето да ги видиме или, пак, да добиеме фотографии со кои неспорно би се утврдило – каде се сошиени.

Месец и половина по таа преписка, повторно го упативме истото барање до Министерството. Имавме предвид дека согласно договорот, избраните компании имаат рок од 90 дена да ја достават секоја поединечна нарачка од моментот кога МВР ќе им ја достави.

Додека полицијата чекаше коли и униформи за специјалците, МВР распиша уште еден важен тендер. Во ноември 2025 г. беа отворени понудите за униформи за редовната полиција. Пет компании доставија понуди за еден или повеќе од четирите делови на повикот – виндјакни, теренски униформи, чевли и чизми за МВР, и тоа: „Нени компани“, „Мегаспорт“, „Микеи интернационал“, „Лејерс ВФ“ и „Камекс“.
Цените кои компаниите ги понудија беа различни по категории. На пример, „Нени компани“ достави најниска цена за виндјакни и чизми, „Микеи интернационал“ за теренска униформа, а „Мегаспорт“ за чевли.
Две недели пред Нова година, Министерството за внатрешни работи донесе одлука за избор на најповолна понуда – сите четири ставки ги доби компанијата „Мегаспорт“.

Резултатот е донекаде изненадувачки ако се знае дека, на пример, понудата на „Нени компани“ за чизми беше речиси двојно поевтина или, пак, дека за виндјакна и „Нени компани“ и „Микеи“ имаа значително пониски понуди. Деталите од електронската аукција засега се непознати, но на 25 декември процесот го обжалил еден од конкурентите – „Микеи интернационал“.
Се обративме до компанијата со прашање – зошто се жалат?
„Се жалевме на, според нас, неправилности во постапката на донесување на одлуката, како и на разликата во цената меѓу нашата и другата компанија, која всушност може да се забележи и од извештаите од јавното отворање. Сепак, деталите за жалбата, како и нејзината содржина, не би сакале да ги доставуваме сè додека истите не станат јавно достапни“,
одговорија од Микеи Интернационал.
Ваквиот развој на настаните ја става во мирување целата набавка. Според правната рамка, додека Комисијата за жалби не пресече, МВР не може да потпише договор за набавка на униформи и чевли за редовната полиција со избраниот економски оператор.

Со тоа, барем во моментов, останува непознато колку точно милиони евра ќе чини и третата голема јавна набавка на полицијата која се случи или требаше да се случи во 2025 година.
