Руската разузнавачка служба соопшти дека вселенскиот патријарх Вартоломеј, со цел да нанесе удар врз „непослушната“ Српска православна црква, има намера да ѝ додели автокефалност на непризнатата Црногорска православна црква
Од Вселенската патријаршија, пак, посочуваат дека имагинативните сценарија, лажните вести и измислените информации што се пласираат од сите видови пропагандисти, не ја обесхрабруваат Патријаршијата да продолжи со својата служба и екуменска мисија
Вселенската патријаршија преку официјално соопштение денеска реагира на изјавите на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација, насочени против вселенскиот патријарх Вартоломеј, оценувајќи ги како еден од низата напади што се повторуваат по доделувањето автокефален статус на Православната црква во Украина во 2018 година.

Во соопштението се наведува дека имагинативните сценарија, лажните вести и измислените информации што ги пласираат, како што велат, сите видови пропагандисти, не ја обесхрабруваат Патријаршијата да продолжи со својата служба и екуменска мисија.
„Мајката црква на Цариград – мајка на оваа црква на Русија, изразува најдлабоко жалење за новиот руски напад врз личноста на Неговата светост, Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој овој пат е извршен од државните служби на земјата. Од 2018 година, кога Вселенската патријаршија одлучи да ѝ додели автокефален статус на црквата на Украина, мајката црква избегнуваше да коментира за безбројните слични напади што доаѓаа од црковни или политички центри и поединци во Русија. Истото го прави и денес“,
се вели во соопштението од Вселенската патријаршија.
Инаку, односите меѓу Вселенската патријаршија и Московската патријаршија се значително влошени од 2018 година кога беше признаен автокефалниот статус на Православната црква во Украина. Тоа доведе до длабок црковен и геополитички спор, што се одрази и на меѓуправославните односи воопшто.
Од Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација вчера соопштија дека вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој, како што велат, направил раскол во православна Украина, ги продолжува своите расколнички активности во православната црква.
Оттаму сметаат дека тој со помош на британски служби се насочил кон балтичките држави со цел да го истера руското православие оттаму и да воспостави црковни структури под целосно негова контрола.
„Тоа ‘олицетворение на ѓаволот‘ е опседнато со идејата да го истисне руското православие од територијата на балтичките земји и на негово место да воспостави структури целосно потчинети на Фанар. Потпирајќи се на идеолошки сојузници во ликот на локални националисти и неонацисти, тој се обидува да ја одвои Литванската, Летонската и Естонската православна црква од Московската патријаршија, на начин што нивните свештеници и верници ги привлекува во вештачки создадени, од Цариград, марионетски религиозни структури“,
се вели во соопштението на руската разузнавачка служба.
Службата наведува и дека амбициите на Вартоломеј не се ограничени само на Украина и Балтикот, туку се шират и на земјите од Источна Европа.
„Со цел да нанесе удар врз ‘особено непослушната‘ Српска православна црква, тој има намера да ѝ додели автокефалност на непризнатата Црногорска православна црква“,
се наведува во соопштението.
