Дополнително, граѓаните да ги одложат сите патувања во Иран кои не се неопходни
Македонските државјани кои моментално се наоѓаат на територијата на Иран да ја напуштат државата во првата можна и безбедна прилика – апелираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по влошената безбедносна состојба и ескалација на протестите низ целата земја.

Од Министерството дополнително апелираат граѓаните да ги одложат сите патувања во Иран кои не се неопходни.
„Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС-дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10“,
наведуваат од МНР.
Иран во последните две недели се соочува со масовни антивладини протести поради влошената економска состојба во земјата. Ирански функционер во изјава за „Ројтерс“ рече дека бројот на жртви во протестите би можел да биде околу 2 000 лица, но точниот број на жртви и приведени, сепак, потешко може да се утврди поради неколкудневниот прекин на интернетот во земјата.
