Кажувајќи ги по општини, Фрчкоски рече дека само во скопски Аеродром оваа „омилена фирма“ има добиено 22 тендри, од Гази Баба 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија

Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) денеска презентираше нови наводи за скандал поврзан со распределба на општински тендери. Членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, на прес-конференција откри дека компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ инкасирала неверојатни 16 милиони евра преку 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците добиени преку платформата „МИЦКО.мк“, Фрчкоски посочи дека оваа фирма е фаворит на локалните власти од редовите на владејачката партија.
Кажувајќи ги по општини, Фрчкоски рече дека само во скопски Аеродром оваа „омилена фирма“ има добиено 22 тендери, од Гази Баба 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија.
„Едни исти омилени фирми блиски до ВМРО добиваат милионски тендери за многу краток период. Низа на тендери финансирани со средства од унгарскиот кредит исто така завршиле кај оваа фирма. Додека парите завршуваат кај фирми блиски до власта, граѓаните плаќаат, и тоа со камата“,
изјави Фрчкоски, кој ги изнесе и документите што биле доставени до АКТ.
Од СДСМ тврдат дека добиле информации од свиркачи според кои брачни другари на високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ биле на платниот список на споменатата компанија преку договори за дело. Овие наводи, како што најави Фрчкоски, дополнително ќе бидат истражени и објавени.
Како последен во низата скандалозни случаи, СДСМ го посочи тендерот во Град Скопје од декември 2025 година. Според партијата, веднаш по преземањето на функцијата од страна на новиот градоначалник, истата фирма добила договор вреден 320 000 евра.
„Сега на сите во Македонија им е јасно зошто земјата намерно се држи во изолација. За пари и за криминални тендери“,
обвини Фрчкоски.
Опозициската партија упати јавен повик до Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК да престанат со молкот и да почнат со истраги за случаите што ги објавува СДСМ, вклучувајќи ги и претходните наводи за 161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за друга, 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ од „Пошти“.
„Одговорност ќе има, кога-тогаш. Работата не е завршена“,
рече Фрчкоски.
