Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на наградата од публиката (Audience Choice Prize) на „Синема ај онорс“ (Cinema Eye Honors), една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.

Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Наградата од публиката, како што велат од пи-ар тимот на Котевска, е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех. Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои ‘Силјан’, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победија гласот на публиката и искрената емоција“,
изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од „Нашнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films) и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, според пи-ар тимот на Котевска, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да ја обединат публиката во светот.
„Со освојувањето на Audience Choice Prize, ‘Приказната за Силјан’ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена“,
посочуваат од пи-ар тимот на Котевска.
