Данската премиерка вчера ги повика САД да престанат да се закануваат „на историски близок сојузник, и на друга земја и на друга нација што многу јасно кажала дека не се на продажба“
„Владата на Гренланд продолжува да работи мирно и одговорно. Водиме дијалог, ги штитиме нашите интереси и цврсто стоиме на меѓународните правила на игра, со кои се обврзани и нашите партнери“, вели премиерот

Данската премиерка Мете Фредериксен го повика американскиот претседател Доналд Трамп да престане да се заканува дека ќе го преземе Гренланд откако тој рече оти на САД „апсолутно“ им е потребна територијата.
„Апсолутно нема смисла да се зборува за тоа дека САД треба да го преземат Гренланд. САД немаат право да анектираат ниту една од трите земји во данското кралство“,
вели Фредериксен.
Изјавата на Фредериксен доаѓа откако сопругата на помошник-шефот на кабинет на Белата куќа, Кејти Милер, објави на социјалните мрежи мапа на Гренланд покриена со американско знаме, а во описот пишува „наскоро“.
Данската премиерка вчера ги повика САД да престанат да се закануваат „на историски близок сојузник, и на друга земја и на друга нација што многу јасно кажала дека не се на продажба“.
„Кралството Данска, а со тоа и Гренланд, е членка на НАТО и затоа е опфатено со колективната безбедносна гаранција на Алијансата. Веќе имаме договор за одбрана меѓу Кралството Данска и САД, што им обезбедува на САД широк пристап до Гренланд. Покрај тоа, Кралството направи значајни инвестиции во безбедноста на Арктикот“,
напиша данската премиерка на мрежата Икс.
Statement from the Prime Minister of Denmark 🇩🇰:
— Orla Joelsen (@OJoelsen) January 4, 2026
“I must say this very clearly to the United States:
It makes absolutely no sense to speak of any necessity for the United States to take over Greenland. The United States has no legal basis to annex one of the three countries of…
Со реакција за сликата од Кејти Милер се огласи и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, кој објавата ја нарече „непочитувачка“.
„Односите меѓу нациите и народите се градат врз основа на меѓусебно почитување и меѓународно право – а не врз симболични гестови што ги занемаруваат нашиот статус и нашите права“,
напиша тој на Фејсбук.
Тој додава дека нема причина за паника, ниту за загриженост.
„Сликата што ја сподели Кејти Милер, каде што Гренланд е прикажан завиткан во американско знаме, не менува ништо. Нашата земја не е на продажба, а нашата иднина не е одредена од објави на социјалните медиуми“,
додава тој.
Јенс-Фредерик Нилсен додава дека Гренланд е демократско општество со самоуправа, со слободни избори и силни институции и оти позицијата на земјата е јасно заснована на меѓународното право и во меѓународно признатите договори.
„Владата на Гренланд продолжува да работи мирно и одговорно. Водиме дијалог, ги штитиме нашите интереси и цврсто стоиме на меѓународните правила на игра, со кои се обврзани и нашите партнери“,
додава тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера зборувајќи во авионот „Ер форс уан“, неколку часа по забелешките на Фредериксен, го повтори своето тврдење дека Гренланд треба да стане дел од САД.
„Потребен ни е Гренланд од гледна точка на националната безбедност, а Данска нема да може да го стори тоа“,
изјави Трамп пред новинарите, прашан за ова прашање.
Тензиите помеѓу САД и Данска околу островот ескалираа кон крајот на декември, кога Трамп објави дека го назначува Џеф Ландри за специјален пратеник за Гренланд.
