Дваесетгодишниот Тристан Фишер во изјава што ја пренесува Би-би-си вели дека неговиот 17-годишен брат кршел прозорци и извлекувал луѓе од барот кога пожарот почнал брзо да се шири. Вели дека е загрижен за психичкото здравје на својот брат, стравувајќи оти е трајно нарушено
Сè уште не се знае каде се наоѓа македонскиот државјанин за кого, како што потврдија денеска од Владата, имаат потврда дека се наоѓал во барот во скијачкиот центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ, но немаат дополнителни информации за неговата состојба
Преживеани во пожарот во барот „Ла констелејшн“ во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана и нивни блиски денеска ги споделуваа своите сведоштва за ужасот што се случил за само неколку минути, а во кој најмалку 40 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени.

Во изјави за светските медиуми, велат дека сè уште се во шок и оти едноставно не веруваат дека преживеале.
„По некое чудо се извлеков, ни самиот не знам како. Бев во подрумот кога избувна пожарот и само инстинктивно превртев маса и се засолнив зад неа. Мојата пријателка не успеа да се засолни, едноставно исчезна, не знам каде е. Видов други луѓе како се обидуваат да избегаат горе, ги видов како горат“,
вели Аксел.
Во Кран-Монтана и понатаму има голем број роднини и пријатели кои сѐ уште не знаат каде се нивните најблиски. Една од нив е Летиција Бродар, која не ја знае судбината на нејзиниот 16-годишен син.
Сè уште не се знае и каде се наоѓа македонскиот државјанин за кого, како што потврдија денеска од Владата, имаат потврда дека се наоѓал во барот во скијачкиот центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ, но немаат дополнителни информации за неговата состојба.
По стравотниот пожар, на социјалните мрежи беше објавен апел за помош по исчезнувањето на македонскиот државјанин Стивен Ивановски. Тој, како е што наведено, последен пат бил виден за време на пожарот што избувна на 31 декември во барот во познатиот швајцарски зимски центар.
Инаку, според информациите, голем дел од повредените се италијански државјани. Еден од нив бил пренесен во Италија на лекување веднаш по несреќата, каде по неколку часа потрага бил најден од своето семејство.
„Синот е во многу сериозна состојба, но е жив и свесен. Има изгореници на околу 40 проценти од телото, грбот, рамената и дел од главата. Пожарот го зафатил додека излегувал од барот“,
изјавил Умберто Маручи, татко на повреденото момче.

Дваесетгодишниот Тристан Фишер во изјава што ја пренесува Би-би-си вели дека неговиот 17-годишен брат кршел прозорци и извлекувал луѓе од барот кога пожарот почнал брзо да се шири.
Вели дека е загрижен за психичкото здравје на својот брат, стравувајќи оти е трајно нарушено.
„По пожарот тој не зборува како што треба, не спиел како што треба оттогаш“,
вели тој, додавајќи дека познава уште најмалку двајца студенти од неговиот универзитет кои се водат како исчезнати.
Властите на швајцарскиот кантон Вале, каде што е сместен ски-центарот Кран-Монтана, денеска на прес-конференција соопштија дека бројот на загинати останува 40, но многумина од повредените се во критична состојба.
Во трагедијата се повредени 119 лица, а педесетина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија кои имаат специјализирани центри за изгореници. Дел од пациентите се префрлаат во болници во Франција, а дел ќе бидат или се трансферирани во специјализирани центри во Италија.
Командирот на полицијата во кантонот Вале соопшти дека 113 од 119 повредени лица се идентификувани, како и дека процесот на идентификација на другите шестмина сè уште е во тек. Помеѓу идентификуваните повредени лица има 71 швајцарски државјани, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби, еден државјанин на Босна и Херцеговина, по еден белгиски, полски, португалски, како и еден државјанин на Луксембург.
Шефот на полицијата додаде дека апсолутен приоритет е и идентификацијата на жртвите.
Точните причини за избувнување на пожарот во барот во швајцарскиот скијачки центар сè уште се испитуваат, но според првичните информации на главната кантонална обвинителка Беатрис Пилу, пожарот избил поради прскалките закачени на шишиња шампањ што гостите ги држеле многу блиску до таванот на барот.
Обвинителката изјави дека се работи за прскалки кои се лесно достапни и дека секој може да има пристап до нив, но дека истрагата треба да покаже дали нивната употреба е соодветна за затворен простор. Дополнително, како што рече, истрагата треба да покаже дали таванот на барот бил во согласност со прописите.
Во Швајцарија е прогласена петдневна жалост, а голем број граѓани и вечерва им оддаваат почит на жртвите во трагедијата.
