„Детето беше интубирано, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, под 24-часовен мониторинг. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од метално страно тело“, велат од ресорното министерство
Од Министерството за здравство денеска соопштија детали за лекувањето на починатото двегодишно дете што за време на новогодишната ноќ беше повредено во главата од метален фрагмент.

Оттаму велат дека првично детето е примено на Ургентниот центар, а потоа поради констатирани сериозни повреди на главата е пренесено на Клиниката за неврохирургија, на Одделот за интензивна нега.
„Детето беше интубирано, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, под 24-часовен мониторинг“,
велат од Здравство.
И покрај максималните напори на медицинскиот тим, како што велат од ресорното министерство, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот.
„Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување“,
се вели во извештајот на министерството.
Оттаму изразуваат најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските на починатото двегодишно дете.
Надлежните апелираат до граѓаните за време на новогодишните празници да не употребуваат пиротехнички средства, петарди, а особено да не се користи огнено оружје.
Последиците од таквото однесување, како што велат, можат да бидат и фатални.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија детали за случајот со починатото двегодишно дете.
По пријава на случајот, полициски службеници извршија разговор со мајката на детето, која рекла дека на 31.12.2025 година пред полноќ излегла со детето пред дворот од куќата во скопска Гази Баба.
„Гледајќи огномет, слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето“,
пишува во полицискиот извештај.
Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето.
Претходно од Обвинителството посочија дека е издадена наредба за обдукција на телото на починатото дете.
Поврзани вести:
- МВР: Гледајќи огномет од пред куќата, мајката на двегодишното дете слушнала звук по што забележала крв на неговата глава
- Двегодишното дете починало од тешки повреди на мозокот настанати од метален фрагмент во главата
- Почина двегодишното дете што беше рането од огнено оружје на новогодишната ноќ – Обвинителството нареди обдукција
- Бурна новогодишна ноќ за дежурните лекари: Примени се повредени и пијани пациенти, двегодишно дете е рането од огнено оружје
