Коментирајќи го случајот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера рече дека настанот е под истрага и оти има повеќе теории како се случил инцидентот
Двегодишното дете што беше тешко повредено од огнено оружје за време на новогодишната ноќ утринава им подлегна на повредите на Клиниката за детска хирургија во Скопје.

Информацијата за смртта на детето ја потврдија и од Обвинителството, од каде што посочија дека веќе е издадена наредба за обдукција на телото.
„Во однос на починатото двегодишно дете, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје издаде наредба за обдукција на телото“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Лекарите вчера, соопштувајќи го бројот на повредени за време на новогодишната ноќ, како тежок случај го оценија тој со двегодишното дете, кое беше примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје.
Коментирајќи го случајот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера рече дека настанот е под истрага и оти има повеќе теории како се случил инцидентот.
„Тешко телесно е повредено детенце од две години, кое е во животозагрозувачка состојба. Станува збор за метален фрагмент, но во овој момент не можеме со сигурност да кажеме како точно дошло до повредата. Постојат повеќе теории за настанот и штом бидат утврдени причините јавноста ќе биде информирана“,
рече тој.
Засега полицијата не соопшти детали каде се случил настанот, како и за околностите под кои настанал.
