Обвинетиот се товари за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а за кое е предвидена минимална затворска казна од четири години

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против 37-годишен скопјанец за сообраќајна несреќа со смртни последици, која се случи во ноември минатата година на булеварот „Гоце Делчев“.
Според обвинението, возачот, управувајќи автомобил „фолксваген пасат“, не ја приспособил брзината при приближување кон пешачки премин. Тој се движел со брзина од 53 километри на час, што е над дозволеното во населено место, по што со предниот дел од возилото удрил во велосипед кој ја преминувал улицата на пешачки премин. Од ударот, велосипедистот Јорго Ќука се здобил со тешки телесни повреди и починал на самото место.
Обвинетиот се товари за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а за кое е предвидена минимална затворска казна од четири години.
Како што информираа од Министерството за внатрешни работи кога се случи несреќата, возачот Х. К. (37) од Скопје откако удрил во велосипедистот го оставил возилото и заминал од местото. По преземени мерки, полициските службеници од СВР Скопје го пронајдоа и да го лишија од слобода.
По ова ОЈО Скопје поведе истрага, а Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на скопското обвинителство и му одреди мерки на претпазливост на 37-годишниот скопјанец.
На барање на Обвинителството, на осомничениот му беа одредени мерки на претпазливост кои подразбираат одземање на македонскиот и на српскиот пасош кои ги поседува, одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиштето, како и обврска повремено да се јавува кај надлежен државен орган.
