Во врска со убиениот турски државјанин, тој кажа дека во инцидентот е тешко телесно повредено уште едно лице, и двајцата добиле повреди од остар нож

Новогодишната ноќ поминала главно мирно, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во изјава за медиумите тој информираше дека се случиле два сериозни инциденти – убиство на турски државјанин со нож во скопската чаршија и случај на тешко повредено двегодишно дете, на засега непознат начин, кое е во животозагрозувачка состојба во Клиничкиот центар-Скопје.
Тошковски посочи дека повредата на детето е од метален фрагмент кој во моментов не може детално да се специфицира.
„Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста“,
рече Тошковски.
Во врска со убиениот турски државјанин, тој кажа дека во инцидентот е тешко телесно повредено уште едно лице, и двајцата добиле повреди од остар нож.
„Имаме осомничено лице, во интерес на истрагата не би можел да отворам повеќе детали. Моментално лицето е во бегство. Станува збор за поголем број учесници во вчерашниот кривично-правен настан и според информациите што ги имам досега сите се странски државјани“,
рече Тошковски.
Министерот соопшти дека во текот на новогодишната ноќ седум лица се повредени од употреба на пиротехнички средства, а едно лице се самоповредило од употреба на огнено оружје (ловна пушка) на територија на СВР Битола.
„Во целокупниот период во текот на вчерашниот ден регистрирани се 31 кривично дело и 23 сообраќајни незгоди од коишто две со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 49 лица по разни основи, најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир“,
изјави Тошковски.
Безбедносната состојба на територијата на целата држава, додаде тој, беше стабилна и за таа цел имаше засилено присуство на полицијата на терен и беа преземени координирани насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба.
Како што рече министерот, бројките покажуваат дека огромното мнозинство граѓани се однесувале одговорно и со тоа придонеле за лична и заедничка безбедност.
„Зголеменото присуство на полицајци на терен придонесе да имаме мал број на настани на нарушување на јавниот ред и мир, генерално. Им благодарам на сите граѓани кои празнуваа одговорно така како што апелиравме и придонесоа сите заедно да направивме новогодишната ноќ да помине мирно“,
рече Тошковски и им се заблагодари на сите припадници на полицијата кои биле на работа во текот на ноќта.
