Иако еврото од денеска е во официјална употреба во Бугарија, сепак до 31 јануари во промет ќе може да биде користен и левот, при што за плаќањата во левови, кусурот што ќе се враќа ќе биде во евра. Левовите во кеш ќе може да се менуваат за евра во која било комерцијална банка, пошта или Бугарската народна банка
Бугарија од денеска официјално станува 21. членка на Еврозоната со што бугарскиот лев ќе биде заменет со еврото како нова национална валута на земјата.

Иако еврото од денеска е во официјална употреба во Бугарија, сепак до 31 јануари во промет ќе може да биде користен и левот, при што за плаќањата во левови, кусурот што ќе се враќа ќе биде во евра. Левовите во кеш ќе може да се менуваат за евра во која било комерцијална банка, пошта или Бугарската народна банка.
Паралелно со ова, од денеска, 96 отсто од банкоматите во Бугарија ќе издаваат само евробанкноти, а преостанатите ќе го направат тоа во рок од две недели.
Од денеска Бугарија влегува и во т.н. преоден период што ќе трае до 8 август 2026 година, во кој цените во продавниците ќе бидат прикажани и во левови и во евра. Ова се прави со цел да се надмине загриженоста на потрошувачите од можно неоправдано зголемување на цените за време на периодот на замена на левовите со евра.
Според Европската комисија, усвојувањето на еврото како своја валута од страна на Бугарија претставува важна пресвртница за земјата, за историјата на еврото и за ЕУ како целина.
„Еврото ќе донесе практични придобивки за бугарските граѓани и бизниси. Ќе го олесни патувањето и живеењето во странство, ќе ја зголеми транспарентноста и конкурентноста на пазарите и ќе ја олесни трговијата. Банкнотите и монетите во евра за сите Бугари ќе станат опиплив симбол на слободата, удобноста и можностите што ЕУ им ги овозможува на своите граѓани“,
порача Европската комисија.
Нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, пак, оцени дека приклучувањето на Бугарија кон Еврозоната, претставува едно од најголемите достигнувања на Европската Унија.
„Оваа пресвртница одразува години напорна работа и посветеност на надминување на предизвиците. Еврото ќе донесе придобивки за бугарскиот народ, полесни плаќања и патувања. Ќе донесе нови можности за бугарските бизниси, овозможувајќи им подобро да ги искористат предностите на нашиот заеднички единствен пазар. Дополнително ќе го зајакне гласот на Бугарија во Европа. Овој чекор е добар за Бугарија и ја зајакнува Европа како целина. Ја прави нашата економија поотпорна и поконкурентна на глобално ниво. Честитки, Бугарија! Можеш да бидеш горда на она што го постигна“,
нагласи Фон дер Лајен.
Одлуката за приклучување на Бугарија кон Еврозоната ја донесе Советот на ЕУ на 8 јули минатата година, кога беше утврден и курс на конверзија на ниво од 1,95583 бугарски лева за едно евро.
Според Договорот на Европската Унија, секоја земја при приемот во ЕУ се обврзува да го прифати еврото како своја валута, но нема утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото.
За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно членство во Европскиот механизмот на девизен курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.
