„Во пресрет на Новата година, ви се обраќам со длабока почит и со високо чувство на одговорност. Годината што завршува беше година на посветена работа и чекори што оставија трага. Собранието забележа видливи напредоци во транспарентноста, дигитализацијата и зајакнувањето на надзорната функција“, пишува претседателот на Собранието во новогодишната честитка до граѓаните
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска упати новогодишна порака до граѓаните посакувајќи им здравје, мир, добрина и љубов.

„Во пресрет на Новата година, ви се обраќам со длабока почит и со високо чувство на одговорност. Годината што завршува беше година на посветена работа и чекори што оставија трага. Собранието забележа видливи напредоци во транспарентноста, дигитализацијата и зајакнувањето на надзорната функција. Отворивме повеќе врати за граѓаните, идеите и дијалогот. Институцијата ја направивме поинклузивна, подостапна и подоверлива. Преку парламентарната дипломатија изградивме мостови на соработка и пријателство, претставувајќи ја нашата земја со достоинство и визија“,
пишува Гаши во пораката.
Тој додава дека пред сè, оваа година нè потсетила на една суштинска вистина: дека одржливиот напредок не произлегува само од процеси и реформи, туку од единството, зрелоста за градење консензус и меѓусебната доверба.
„Само кога стоиме заедно, со почит и волја да ги споиме разликите, како и со одговорност кон нашиот заеднички дом, можеме да изградиме поправедна и посветла иднина за сите нас. Во Новата година ви посакувам здравје, мир, добрина и љубов во секое семејство. Да го започнеме новoто поглавје со отворено срце, со надеж што не згаснува и со верба во нашиот потенцијал како општество“,
пишува претседателот на Собранието во честитката до граѓаните.
