Токму затоа, како што рече премиерот во новогодишната честитка, 2025 година била година на подготовка и поставување основа, а претстојната 2026 година ќе биде година на видлива реализација, во која проектите, програмите и политиките ќе дадат резултати
Во новогодишната честитка до граѓаните, премиерот Христијан Мицкоски порача дека претстојната 2026 година ќе биде година на вкупна преобразба на Македонија – од економски раст, инфраструктурни проекти, инвестиции, до полиитчка стабилност во која, како што рече, институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно.

Претстојната година, како што рече Мицкоски, е и голема обврска за власта да испорача резултати и да ја оправда добиената доверба од граѓаните, како и да продолжи по патот на реформи, развој и стабилност. Влезот во Новата година, како што рече, е со верба дека напорната работа ќе се исплати и ја движи земјата во вистинска насока.
Во видеообраќањето до граѓаните, премиерот рече дека годината што изминува била полна со предизвици, додавајќи дека државата морала да застане на нозе по долга нестабилност, несигурност и разнишани институции.
„Годинава многу работи се поместија од мртва точка. Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите, се расчистуваа наследени состојби. Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни, но беа исправни. Го зајакнувавме институционалниот капацитет на државата и ја враќавме логиката на ред, закон и одговорност. Посебен акцент беше ставен на правната држава. Започнавме процеси кои значат еднаквост пред законот и јасни правила што важат за сите. Реформите што ги отпочнавме не се козметички, тие се длабински и суштински. Таквите реформи бараат време, но се предуслов за функционална држава и здраво општество“,
порача Мицкоски.
Токму затоа, како што рече, 2025 година била година на подготовка и поставување основа, а претстојната 2026 година ќе биде година на видлива реализација, во која проектите, програмите и политиките ќе дадат резултати.
„Нашата визија е јасна – држава во која законот е темел, институциите се сервис на граѓаните, а економијата се движи напред, надежта повтроно се враќа кај луѓето. Не ветуваме чуда туку напорна работа. Не зборови туку конкретни резултати. Не сме среќни што политичката сцена не секогаш ја отсликува зрелоста што ја заслужува државата. Верувам дека со тек на време ќе созрее и свеста дека националните интереси и иднината на граѓаните мора да бидат над сè. Државата има потреба од одговорност, сериозност и заедничка грижа за општото добро“,
порача Мицкоски во новогодишната честитка.
