Министерката најави дека во 2026 ќе продолжат инвестициите во образованието

Од денеска, околу 250 000 основци и средношколци се на зимски распуст. Учениците ќе уживаат во слободните денови се до 20 јануари, кога започнува второто полугодие од учебната 2025/2026 година.
Во второто полугодие, како што најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ќе продолжи воведувањето едносменска настава – досега се опфатени околу 200 училишта. Етапно ќе се воведува електронското свидетелство, годинава за учениците од прво до трето одделение, а следните учебни години и за погорните одделенија.
Матурантите на крајот на оваа учебна година ќе полагаат државна матура по нов концепт, кој е целосно приспособен на видот на образованието (гимназиско, стручно или уметничко) што го завршуваат.
Министерката најави дека во 2026 ќе продолжат инвестициите во образованието – предвиден е поголем буџет за наука, 166 инфраструктурни проекти, а од март ќе има покачување на платите на наставниците во основното и во средното образование од 7,5 до 10 проценти.
